Уставните измени кои се пред нас, не се последната голема и тешка одлука во однос на одлуките кои следуваат за зачленувањето во ЕУ. Кога ќе дојде извештајот од скринингот на Поглавјето за владеењето на правото, ние пак ќе имаме закони за кои ќе треба двотретинско мнозинство во однос на унапредувањето на правосудниот и на обвинителскиот систем, но и на многу други области во општеството. Не можеме пред секоја одлука да одиме на избори, како што тоа го бара опозицијата. Тоа не е начин, порача денеска премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски.
Тој на годишна конференција „Година на нови можности“, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со уставните измени уште еднаш потсети дека одговорност на сите политички партии во Собранието и на сите 120 пратеници е да поддржат одлуки кои значат побрзо зачленување на државата во ЕУ. Ова, како што рече, не е процес на еден човек, ниту е процес на една политичка партија, ниту е процес на една влада, тука ова е процес кој што е неповратен и којшто завршува со членство во ЕУ.
Тој истакна дека македонските граѓани не сакаат блокади.
„Сите сакаат мир, благосостојба и побрзо зачленување на државата во ЕУ, нормално со заштитен македонски јазик и заштитен македонски идентитет, што и го направивме”, додаде македонскиот премиер.
Премиерот потенцираше дека пратениците своето право на одлучување во Собранието го влечат од Уставот, законот и деловникот на Собранието.
Набавка на артилериски системи во соработка со Туркије
Говорејќи за напорите за модернизација на Армијата на Северна Македонија, премиерот Ковачевски го спомена и договорот за набавка на артилериски системи во соработка со Туркије.
„Армијата ја модернизираме според НАТО-стандардите, за што веќе се во тек неколку повеќегодишни капитални проекти, набавка на лесни оклопни возила, од САД, набавка на опрема за противвоздушна обрана, за што е потпишан договор со Франција, а склучени се и договори за набавка на артилериски системи во соработка со Турција (Туркије), како и за ремонт на транспортни хеликоптери, со Чешката Република“, рече Ковачевски.