Иако Северна Македонија имала мало подобрување минатата година, корупцијата придонесува за демократско назадување     Фото: МИА / Photo: MIA

Северна Македонија е на петто место во светот по стапката на смртноста од Ковид-19, а шокот од пандемијата најмногу ги оптоварува жените. Земјава исто така ги има најлошите резултати во регионот во поглед на ПИСА тестовите, заедно со најнискиот резултат за индексот на медиумска писменост, од сите земји во Европа.

Како што се забележува во Извештајот за човековиот развој 2021/2022 на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), иако Северна Македонија имала мало подобрување минатата година, општата перцепција на корупцијата придонесува кон слабото владеење во државата и можноста за демократско назадување.

Извештајот, што беше презентиран денеска во кабинетот на претседателот, е насловен „Неизвесни времиња, несигурни животи, обликување на нашата иднина во светот што се менува“, а е изработен од Институтот за демократија „Социетас цивилис“-Скопје (ИДСЦС).

Според претседателот на Институтот, Марко Трошановски, ако се гледа од перспектива на Југоисточна Европа, Северна Македонија навидум каска зад земјите од регионот, иако статистичките разлики не се многу големи.

Според него, Северна Македонија се наоѓа зад сите други земји од поранешната Југославија, а и Бугарија, Грција и Албанија.

Тој напомена дека поради низа кризи, индексот на глобално ниво опаѓа две години по ред, па дури и пред да се појави Ковид-19.

Пострашно е, како што рече, што пандемијата на Ковид-19 предизвика големо назадување на демократијата во многу земји во светот. Додаде дека назадувањето на демократија се забележува во многу земји глобално, но и во регионот на Југоисточна Европа, поради претераната употреба на мерки наменети за борба против Ковид-19.

„Иако Северна Македонија забележува мало подобрување минатата година, општата перцепција на корупцијата придонесува кон слабото владеење и можноста за демократско назадување“, додаде Трошановски.

Како што рече, Северна Македонија има многу слаб одбранбен систем против демократски закани и опасности со популација која е општо земено, недоволно информирана да ги препознае самите извори на тие закани и опасности. Податоците од Меѓународниот републикански институт во 2021 година укажуваат на тоа дека на крајот на 2021 година постои широко распространет песимизам во земјава за иднината на економијата, негативната перцепсија за владеењето на правото и недоволно доверба, особено кон политичките партии.

Пендаровски: Политичките лидерства се одговорни за ситуацијата во државата

Економската криза предизвикана од пандемијата, но и руската агресија врз Украина доведе до ценовни шокови и раст на животните трошоци во Европа и светот. Ние сме високо рангирани во однос на смртноста од Ковид-19, загаденоста на воздухот ни е хроничен проблем, а имаме слаби резултати во образованието и медиумската писменост. Мора да ги удвоиме националните напори за да постигнеме посилен економски и општествен развој, порача македонскиот претседател Стево Пендаровски во обраќањето на денешната презентација на Извештајот за човековиот развој 2021/2022 на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП).

Според Пендаровски, без соодветна здравствена заштита, квалитетно образование и медиумска писменост, тешко е да се очекува висок животен стандард.

„Голем дел од причините за овие состојби се екстерни и едноставно не зависат од нас – климатските промени, геополитичките тензии, економските, енергетските и здравствените кризи се глобални потреси кои го забавуваат прогресот. Но, освен надворешните влијанија, нашиот развој нема задоволително темпо и како последица на низа внатрешни фактори”, рече претседателот на Северна Македонија.

Тој напомена дека сведочиме на долга децениска историја на започнати, а незавршени реформи, како и на корупцијата, клиентелизмот и сивата економија, што ја еродираат довербата на граѓаните во институциите. Безмалку, како што рече, секоја власт од независноста до денес, наследуваше и оставаше системски слабости кои се таложеа.

„Овој извештај не треба да биде предмет на дневно политички толкувања, затоа што секоја генерација политички лидерства носи поголем или помал дел од одговорноста за овие состојби. Не треба да зачудува што во таков контекст, постојат сите предуслови за пораст на европесимизмот, популизмот и авторитарните тенденции, рече Пендаровски.

Според претседателот, извештајот потврдува уште една загрижувачка тенденција. Како што посочи, иако јазот на нееднаквоста се стеснува меѓу државите, тој за жал се шири внатре во самите држави. Вообичаено, напомена, највисоката цена ја плаќаат најсиромашните, кои се најранливи во кризни времиња.

“Крајната цел е да изградиме општество со еднакви шанси за успех за сите негови членови додаде Пендаровски”.

TRT Balkan / агенции
Популарни