Пендаровски: Францускиот предлог е прифатлив     Фото: АА

„Одлуката да го прифатиме модификуваниот француски предлог нема да биде ниту историски триумф, ниту историски неуспех или дебакл", рече претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски по завршување на седницата на Советот за безбедност. На дневен ред се најде модификуваниот предлог на Франција како претседавач со Советот на ЕУ за почеток на пристапните преговори на РСМ со Европската Унија (ЕУ).

На седницата, покрај членовите на Советот за безбедност, на покана на претседателот Пендаровски присуствуваше и Бојан Маричиќ, заменик на Претседателот на Владата за европски прашања.

Претседателот Пендаровски, по завршувањето на седницата на Советот за безбедност даде изјава за медиумите, на која истакна дека на дневен ред на седницата бил модификуваниот француски предлог бидејќи се работи за стратешко прашање за државата.

„Одлуката да го прифатиме модификуваниот француски предлог нема да биде ниту историски триумф, како што би сакале да кажат од едниот табор, ниту историски неуспех или дебакл, како што велат оние од другиот табор. Според мене станува збор за транзиционен компромис за една од фазите на европските интеграции, во која три елементи се битни и затоа предлогот според мене, во оваа фаза, е прифатлив. Прво, со предлогот ја креваме бугарската блокада, која трае повеќе од две години и предлогот дозволува формално отворање на преговорите после 17 години чекање. Второ, овозможува скрининг процес, што е задолжителна фаза пред преговорите за кластерите порано во поглавјата и, трето, што е најважно, ама баш со ништо, не го поткопува македонскиот идентитет затоа што за клучната темелна одредница за македонски јазик во предлогот има чиста формулација, без фусноти“, изјави Пендаровски.

Според претседателот Пендаровски, ,,транзиционен компромис ја решава актуелната блокада, но има предвидено нова блокада која ќе биде домашна блокада.”

„Никој во принцип тука дома кај нас нема против влезот на Бугарите во Уставот, но внатрешната поларизација го оневозможува консензусот, по тоа прашање. Овој услов според мене е најголемата слабост на предлогот. Иако уставните измени ќе дојдат на дневниот ред по скринингот, според некои експертски проценки тоа би се случило дури на почетокот на 2024 година. Не тврдам дека во преговориве за сето време во изминатите две години не можело да се добие нешто поквалитетно во одредени аспекти, но тоа би биле детали, не суштината“, рече Пендаровски.

На седницата на Советот на безбедност чиј член е и премиерот Димитар Ковачевски, претседателот побарал Владата, доколку го прифати предлогот, да донесе и заклучоци дека ако се појават дополнителни барања, да дојде до откажување од идејата за членство во ЕУ.

„Откако францускиот предлог ќе влезе во Владата, очекувам заклучоци на Влада, кои во случај да го прифатат овој предлог, би морале да имаат една реченица плус, и тоа би морало да се повтори и во извештајот на Владата до Парламентот, дека од денот кога ќе ги отвориме преговорите до денот кога ќе ги завршиме, не е битно колку години, ако има евентуално дополнителни обиди од бугарската или која било друга страна во рамките на преговорите со Европа, повторно да се споменува и да се заговара влез во дискусиите по прашањата за македонскиот идентитет, македонски јазик, идентитет и историја, не треба да чекаме некој друг да не блокира, туку ние самите треба да се повлечеме од тие преговори“, истакна Пендаровски.

На 30 јуни до Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за надворешни работи, од Франција како претседавач со Советот на ЕУ, пристигна модификуваниот предлог, по што започна консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со Претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата и со граѓанскиот сектор.

Вчера пред Владата на РСМ во Скопје се одржа сенароден протест против францускиот предлог.

Францускиот претседател Емануел Макрон, чие претседателство го изготви предлогот, смета дека со предлогот е пронајдено компромисно решение за двете страни.

AA
Популарни