Со бројни државни церемонии, свечености и положување цвеќе, се одбележува државниот празник 8-ми декември - Свети Климент Охридски, посветен на еден од просветителите и основоположниците на македонската писменост, култура и духовност.
Стево Пендаровски претседателот на Република Северна Македонија порача дека одбележувањето на денот на Свети Климент има многу повеќе од духовно и религиозно значење.
„Неговата писателска и воопшто научно-образовна дејност е темелот на кој го базираме нашето духовно, културно и општествено постоење. Делото на Свети Климент Охридски ги надминува сите етнички и географски рамки заземајќи неизбришливо место во меморијата на човечката цивилизација и со гордост го споделуваме со нашите соседи и со целиот eвропски континент“, посочи претседателот Пендаровски во неговата празнична честитка.
За македонскиот премиер Димитар Ковачевски, ученикот на Светите браќа Кирил и Методиј има непроценлив придонес во оформувањето на културата, писменоста и идентитетот.
„Како што успеал Свети Климент во неговата мисија, сите ние имаме должност и обврска да успееме во надминувањето на секој предизвик, трпеливо, со храбри дела и со позитивни примери, со разбирање и помагање да ги заштитиме вредностите што нѐ обединуваат како граѓани, како народ и како држава“, порача премиерот Ковачевски.
Почитувањето на јазикот и писменоста е почитување на историјата, самобитноста и различноста, порачаа претставниците на Владата на Република Северна Македонија кои положија цвеќе пред споменикот на Свети Климент.
На честитките се надоврза и Талат Џафери претседателот на Собранието на Република Северна Македонија кој порача дека треба да се негува наследството од дејноста на просветителот.
„Неговиот лик и дело е најдобар пример за симбиозата меѓу духовната и просветителската мисија, најдобар пример за тоа како да се допре до срцата и умот на следбениците за да се постават солидни основи за произведување на трајни вредности кои покрај тоа што се значајно наследство за идните поколенија, се и скапоцен дар за светското духовно и просветителско наследство.
Во чествувањето се вклучени државните културни и образовни установи кои го носат името на овој просветител.
Празникот го одбележува и Македонската православна црква - Охридска архиепископија чиј патрон е токму овој светец.