Ново поскапување на струјата по одлуката на РКЕ    Фото: Reuters

Струјата за домаќинствата во просек ќе поскапи за 7.4%, проценува Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на Северна Македонија. Потрошувачите кои се дел од регулираниот пазар, поскапи сметки ќе плаќаат од 1 јули, што за нив ќе значи второ поскапување во текот на 2022 година.

Новитет е што се воведуваат четири блокови според количината на потрошена електрична енергија, со замисла тие што трошат повеќе струја да плаќаат повисоки сметки, а тие кои штедат и не трошат премногу да се соочат со минимално поскапување.

Марко Бислимовски, претседател на РКЕ     Фото: МИА

„Без блок тарифите цената на електричната енергија ќе се зголемеше за сите домаќинства за 17,74%, наместо за сегашните 7,4% за 98,8% од домаќинствата. Со оваа реформа на тарифниот систем се штитат најранливите категории“ изјави Марко Бислимоски претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Сепак, според поделбата, граѓаните кои се грејат на струја, најмногу поскапувањето ќе го почувствуваат во текот на зимата, прогнозираат експертите.

Граѓаните може сами да пресметаат колку ќе ги чини поскапувањето според официјалниот калкулатор на веб страната на РКЕ.

Според пресметките на РКЕ во зависност од блоковите, во зима 59,9% од домаќинствата ќе имаат зголемени сметки за 6,6%, додека 35,5% ќе имаат зголемени сметки од 6,6% до 8,8%, 3,4% од потрошувачите ќе добијат зголемени сметки од 8,8% до 11,2% и само 1,2% од потрошувачите ќе добиваат сметки зголемени од 11,4% до 99,5%.

Во летниот период, кога исто така се зголемува потрошувачката на електрична енергија за разладување, во зависност од блоковите, 77,2% од домаќинствата ќе имаат зголемени сметки за 6,7 %, додека 21,8% ќе имаат зголемени сметки од 6,7% до 8,8%.

Само 0,7% од потрошувачите ќе добијат зголемени сметки од 8,8% до 11,3% и 0,2% од потрошувачите ќе добиваат сметки зголемени од 11,4% до 100%, објаснуваат од РКЕ.

Колку потрошувачка е предвидена по блокови?

За домаќинствата кои се снабдуваат преку ЕВН Хоум како универзален снабдувач предвидени се четири блокови поделени според потрошувачката. Првиот блок е до 210 kW/h, вториот блок е лимитиран на 630 киловати, третиот е до 1050 киловати, а сите кои ќе потрошат струја над оваа количина ќе бидат сместени во четвртиот тарифен блок.

Новите цени се однесуваат само на струјата потрошена според високата или поскапа тарифа, додека пак кај евтината тарифа цените остануваат исти.

Најмало поскапување на струјата има за првиот блок на потрошувачи од 5,5%, додека највисоко поскапување има кај тие што трошат над 1050 kW/h со 138,7%.

Преглед на новите тарифни блокови     Фото: TRT Balkan

Сметките ќе зависат и од употребата на електричната мрежа, како и трошоците на преносниот и дистрибутивниот систем.

РКЕ ги соопшти и признатите трошоци кои ги побараа енергетските компании за поскапување на тарифите за нивните услуги, и одобри многу пониски проценти од побараното.

Промена има и во електричната енергија која АД Електрани на Северна Македонија му ја испорачува на ЕВН Хоум за 17%, односно наместо досегашните гарантирани 41 евро за MW/h сега ќе ја испорачува струјата за цена од 48 евра за MW/h. Струјата на слободниот пазар достигнува и до 300 евра за MW/h.

На регулираниот пазар остануваат и малите потрошувачи, меѓу кои компании од приватниот сектор, но и дел од државните институции кои ќе плаќаат струја во висока тарифа од 13.9 денари за kW/h и 10,11 денари во евтината тарифа.

TRT Balkan / агенции
Популарни