Дали хидроенергијата е навистина обновлива?     Фото: ТРТ Балкан

Во наредните 10 години производството на струја ќе се базира претежно на македонскиот хидропотенцијал, но обновливите извори на енергија од сонце и ветер може да паднат во втор план ако се одржи системот на субвенции за малите хидроцентрали.

Сушните периоди, исцрпувањето на акумулациите и последиците врз животната средина од изградбата на малите ХЕ ја поставуваат дилемата колку всушност хидроенергијата е обновлива.

Според податоците, помалку од 10% од производството на електрична енергија од обновливи извори во Северна Македонија е резултат на сонце и ветер.

Субвенциите кои ги ставаат во повластена положба инвеститорите на мали хидроцентрали треба да се напуштат бидејќи тоа веќе е пракса во Европската Унија, тврдат еко активистите.

Што предвидоа експертите во десетгодишната Стратегија?

Според препораките од Стратегијата за развој на енергетиката до 2030 година на Министерството за економија од 2020 година, а изработена од МАНУ, обновливите извори на енергија мора да заземат позначајна улога во производството на струја. Во стратегијата се препорачува изградба пред се на големи хидроцентрални, но јавните тендери за мега проектите како Чебрен и Галиште со години пропаѓаат.

Соларната енергија се предвидува да се користи претежно за домаќинствата, но енергетската криза создава нови услови кои првичната стратегијата „стара“ само две години повеќе не соодвествуваат со реалноста.

Помалку од 10% од обновливата енергија е од сонце и ветер     Фото: AP

Веќе се најавени неколку поголеми инвестиции во фотонапонски централи, додека пак со измените на регулативата дозволено е домаќинствата да инвестираат во фотоволтаици со капацитет од 6 kW, додека пак за малите потрошувачи кои исто така се на мрежата на универзалниот снабдувач со гарантирани цени, а не на слободниот пазар, предвидено е инвестија во фотонапонски капацитети до 20 kW.

Спас во водата?

Северна Македонија располага со технички потенцијал на хидроенергија за производство на околу 5.500 GWh електрична енергија годишно при просечна хидрологија, пресметано според МАНУ.

Од овој потенцијал досега се изградени хидроелектрани со вкупна инсталирана моќност од над 580 MW и со просечно производство од околу 1.500 GWh што претставува околу 30% од расположивиот потенцијал. Исто така во Стратегијата е наведено дека производството на енергија од мали хидроцентрали треба да изнесува 300 GWh, но во недостиг на големите ХЕ нивниот производствен потенцијал треба да се зголеми и над 400 GWh.

Обновливите извори на енергија за производство на електрична енергија до 2030 година се планирани на ниво од 4.600 GWh или искористеност од речиси 90% на хидропотенцијалот.

Учеството на обновливите извори во производството на електрична енергија во 2030 година планирно е да изнесува 30,3%. Покрај големите хидроелектрани се планира изградба на мали хидроелектрани до 2030 година со вкупна моќност до 160 - 240 MW и производство од 420 - 620 GWh годишно.

Бидејќи учеството на обновливи извори мора да расте, а големите ХЕ се далеку од реализација според досегашната динамика полесно ќе биде да се инвестира во мали хидро централи и да се делат сегашните субвенции.

Екологистите обвинуваат и дека ризикот од нивното функционирање не се исплати бидејќи во севкупното производство на електрична енергија учествуваат со просек од 6% на годишно ниво, или во апсолутна вредност просечни 329 Gwh.

Големи балкански маки со малите хидроцентрали

Екологистите како еден од најголемите проблеми за сочувување на биодиверзитетот го посочуваат токму ширењето на малите хидроцентрали. Се прават обиди за регионално делување во Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Србија и Косово за „зауздување“ на новите инвестиции кои ги нарушуваат реките, поврзаните еко-системи и водата за наводнување на посевите и за локалното население.

„Крајно време е да се престане со давање субвенции за хидроенергија на Балканот. Впечатокот е дека од нив имаат корист само богатите, предизвикуваат големи штети по животната средина и го загрозуваат целиот процес на транзиција кон одржлив и енергетски ефикасен систем“, вели Пипа Галоп од CEE Bankwatch Network.

Енергетска демократија или профит кај малкумина?

Праведната транзиција која треба да обезбеди премин кон обновливи извори на енергија не е возможна без демократизација на енергијата. Тоа значи дека граѓаните, локалните заедници, компаниите и организациите треба да имаат поголема слобода во избор на енергенсите, да може да инвестираат во обновливи извори со сопствени средства преку енергетски задруги и да учествуваат во процесот на носење одлуки.

Здруженијата кои бараат реформи со енергетска демократија сметаат дека токму тие принципи се нарушуваат со сегашниот модел на фаворизирање на инвеститори на мали хидроцентрали. Нивните сопственици покрај тоа што добиваат субвенции го добиваат целиот профит, а притоа ризикот врз животната средина го трпат сите околу нив, мали земјоделци кои губат проток на вода за посевите, локалното население трпи загуби, а се нарушува биодиверзитетот со непоправливи последици.

Моделите на инвестиции преку енергетски задруги треба да овозможат раст на обновливи извори на соларна енергија што ќе ги задоволи потрошувачките потреби на локалната заедница, а вишоците може да се прераспределат и во системот со што бенефит ќе имаат многумина, тврдат екологистите.

Дали субвенциите се во „европски“ дух?

Според расположливите податоци една половина од регистрираните македонски повластени производители на обновливи извори се мали хидроцентрали.

Во 2020 година, бројот на повластени производители изнесувал 203, нивната вкупна инсталирана моќност изнесувала 148 МW, a исплатени биле 41,5 милиони евра за произведени околу 394 MWh, односно просечната цена на електричната енергија според тогашните цени, произведена од повластените производители, изнесувала 105 EUR/MWh.

До крајот на првиот квартал од годинава биле во функција 77 фотонапонски централи со моќност помала од 50 kW кои со сончева енергија имаат потенцијал да произведат струја од 36 MW и 24 соларни централи со поединечна инсталирана моќност од над 50 kW до 1 МW, со вкупен потенцијал од 13 MW.

Заклучно со март 2022 година 97 мали хидроцентрали се веќе изградени и пуштени во употреба со моќност од 87 MW, додека пак за 29 мали хидроцентрали се издадени привремени решенија со планирана моќност од дополнителни 36 MW.

Весна Гарванлиева од Центарот за економски анализи смета дека европска пракса за доделување на субвенции е да се напушти моделот на фиксни повластени тарифи.

Технологии кои се веќе развиени и добро котираат пазарно како малите ХЕ не треба да се фаворизираат во однос на помалку развиените технологии како ветерната и соларната енергија. Тоа треба да го овозможи системот на премии доделени на аукција за производителите на обновлива енергија да настапат пазарно и согласно побарувачката.

„Со оглед на тоа дека во моментот кај нас некои технологии се уште добиваат само повластени тарифи, може да се заклучи дека не е извршено целосно усогласување на националното законодавство со ЕУ легислативата, вели Гарванлиева.

Овие барања се преточени во жалба која е доставена до Енергетската заедница во која земјата членува и е обврзана да спроведува енергетски реформи во етапи.

TRT Balkan
Популарни