Приватните превозници донесоа одлука да прекинат со блокирање на главниот град Скопје и нивните автобуси ќе ги преселат пред градската управа.
По повеќедневните блокади решено е повеќе да не се блокира сообраќајот низ централното градско подрачје кои предизвикаа огромен застој, гужви по околните булевари и многу нервозни и фрустрирани граѓани кои не можеа со автомобил или градски автобус да стигнат до посакуваните дестинации.
Протестот од утре во 10 часот ќе продолжи пред седиштето на Град Скопје, па така блокиран ќе биде булеварот „Илинден“, и од двата правци, односно од Владата до општина Карпош и во насока на општина Центар.
„Се повеќе излегуваат на виделина аргументите кој е главниот виновник за состојбава, кој е главниот виновник што граѓаните на Град Скопје ни криви, ни должни мораат да го трпат сето ова, која е главниот виновник што не сме исплатени, кој е главниот виновник за хаосот во сообраќајот. Тоа е директно градската управа, градоначалничката Данела Арсовска. Се повеќе нашиот револт се насочува и се фокусира кон управата на Град Скопје“, рече Ќемал Муриќ претставник на „Слобода превоз“.
Приватните превозници бараат од Град Скопје да се подмири долгот кој во целост изнесува преку 90 милиони денари, затоа што, како што велат, немаат средства за понатамошно функционирање.
Градската управа пак, преку градоначалничката Арсовска ги раскина договорите со приватните превозници кои опслужуваа неколку линии во јавниот превоз и најави нов конкурс за доделување на дозволите за превоз на патници.
„Јавниот градски превоз, го организираат органите на локалната самоуправа, а не приватни бизнисмени, политички партии или други интересни групи. Во случајов, организацијата на јавниот градски превоз е обврска на градот Скопје и ЈСП Скопје“, одговори градоначалничката на повиците да најде решение за кризата во Скопје.
Таа обвини за злоупотреба на средствата кои градот им ги префрла на приватните компании за извршување на дејноста јавен градски превоз па посочените компании нема да имаат право да се јават на јавните конкурси во период од една година.