Советот на Град Скопје со 25 гласа „за“ и ниту еден против и воздржан ја донесе одлуката за давање на 11 милиони евра субвенции на ЈСП за 2024 година / Photo: Скриншот Фејсбук Град Скопје

Советот на Град Скопје со 25 гласа „за“ и ниту еден против и воздржан на денешната 14. вонредна седница ја донесе одлуката за давање на субвенции на ЈСП Скопје за 2024 година во висина од 11 милиони евра.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ не гласаа и овојпат, но дојдоа советниците од другите политички партии кои не беа присутни на првата вонредна седница. Со усвојување на оваа одлука јавното претпријатие сега ќе има пари да подели плата на вработените.

Пред гласањето Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата поднесе амандман со кој се предлагаше наместо 11 милиони евра да се дадат субвенции во висина од над 3 милони евра заради подобра контрола на работењето на ЈСП Скопје.

Но тоа не беше прифатливо за другите советници и за градоначалничката Данела Арсовска.

Според нив, на тој начин ќе има пари за претпријатието само за неколку месеци, а повторно ќе се создаде кризна состојба пред избори, без можност да се доделуваат дополнителни пари

За амндамнот се изјаснија 14 советници, тројца беа против, а воздржани немаше поради тоа не беше прифатен.

Ова беше втора вонредна седница на Советот на Град Скопје што е свикана денеска, откако на претходната не беше донесена одлуката за субвенционирање на ЈСП со 11 милиони евра со што ќе се овозможи исплата на декемвриската плата на вработените во ЈСП, кои изутрина од 9 часот прекинаа со работа и нема јавен градски превоз во Скопје.

Одлуката не помина за еден глас, односно не беа доволни 22. гласа „за“ од присутните советници. Триенаесет беа воздражани, а ниту еден против.

„Од 17:45 часот нормално работи третата смена во јавниот градски превоз во Скопје и автобусите на ЈСП, но и автобусите на приватните превозници. Утре изутрина од 4:45 часот јавниот градски ќе продолжи нормално да функционира како во деновите наназад“, изјави претседателот на Синдикатот на ЈСП Скопје, Миќо Стојановски по завршувањето на вонредната седница на Советот на Град Скопје.

Вработените во ЈСП организирани од Синдикатот од претпладнето беа пред просториите на град Скопје чекајќи исход за одлуката за субвенционирање.

Синдикатотнајави дека без позитивен исход нема да продолжи јавниот градски превоз кој денеска функционираше од 04.30 до 09.00 часот.

TRT Balkan / агенции
Популарни