Обичаи, традиција, сатира, песни, мaски, вера, паганство... Ова може да се види и почувствува во Вевчани, мала општина во Северна Македонија, во близина на Струга која од 12 до 14 јануари за миг се претвора во европски, но и светски карневалски центар.
„Вевчанскиот карневал” за кој се верува дека има 14 вековна традиција се одржува во деновите кога по стариот јулијански календар се пречекува Новата година.
На 14 јануари се празнува и Свети Василиј Велики, ден познат и како Василица. Во продолжение ви презентираме дел од традицијата поврзана со оваа манифестација и наведуваме слични случувања во други држави од регионот.
Бал под маски
Карневалот во Вевчани во извесна мера се разликува од другите карневали кои се одржуваат низ светот. Манифестацијата во Вевчани повеќе наликува на бал под маски иако последните години излегува од формата во која била позната во минатото.
Да се биде дел од Вевчанскиот карневал особено како учесник е голем предизвик за локалните жители , за граѓаните од останатите делови на Северна Македонија, но и за многу странци. Изминатите години Вевчанскиот карневал имаше повеќе од илјада учесници годишно и до десетина илјади публика.
Зет, невеста, Глупииот Август, Горна и Долна Маала
Маските се секоја година различни, но најчесто се однесуваат на збиднувањата на домашната сцена иако и големите светски настани знаат да бидат мотивација за учесниците познати и како василичари.
Оние чие место е гарантирано секоја година се маските на зетот, невестата и „Глупиот Август“. Оној кој на носи маската на „Глупиот Август” е заштитнички настроен кон зетот и невестата. Неговата комуникација со публиката е со извици и движења.
Карневалот има и натпреварувачки карактер меѓу учесниците од вевчанските Горна и Долна Маала-двата краја на Вевчани.
Василичарите ги палат маските
Главниот дел, балот под маски традиционално се одвива на 13 јануари со дефиле низ улиците и со тоа се симболизира испраќањето на старата и пречекувањето на Новата година. На дефилето му претходат многу обичаи познати за вевчанскиот крај и фестивалот. Меѓу покарактеристичните е крштевањето вода во извор, ноќта на 13 кон 14 јануари. Овој обичај се одвива на познатите вевчански извори.
Карневалот завршува на 14 јануари со традиционалното василичарско оро и со палење на маските од страна на василичарите во центарот на Вевчани.
Пита со паричка и за Василица
Од вевчанските извори зетот и невестата полнат вода која ја користат за подготвувањето на традиционалните василичарски специјалитети. Меѓу другите се подготвува и пита со паричка исто како за Бадник според православните обичаи. Важи истото верување, кому ќе му се падне паричката ќе го следи среќа целата година.
Две години карневал во пандемиски услови
2021 и 2022 ќе останат запаметени како години во кои карневалот се одржа во услови на пандемија од коронавирус. Во 2021 година немаше придружни културни манифестации бидејќи на сила беа мерки за претпазливост. Во 2021 година поради непочитување на протоколите дојде до судир меѓу учесниците и полицијата.