Некогаш револуционерен материјал и замена за природните и ретки производи, создаде култура на фрлање отпад низ годинитњ / Photo: AA

Глобалните еколошки проблеми со кои се соочуваме во најголем дел се резултат на човековата прекумерна експлоатација на природните ресурси, но меѓу останатото и негрижа за животната средина и непостоење на свеста за прекумерната употреба на пластиката од која се создава пластичниот отпад.

Во продолжение ТРТ Балкан ви ги претставува некои од клучните факти за тоа како пластичниот отпад стана закана за нашите животи и за планетата Земја. Првата синтетичка пластика бакелит е произведена во 1907 година, одбележувајќи го почетокот на глобалната индустрија за пластика и ерата на полимерот.

Некогаш револуционерен материјал и замена за природните и ретки производи, создаде култура на фрлање отпад низ годините. Од 1950 до 1970 година, сосема малку пластика се произведуваше и отпадот беше релативно лесен за управување.

Годишното производство се зголемуваше неизмерно по 1970 година, и речиси се удвои во последните 20 години, достигнувајќи 460 милиони тони и се очекува да се триплира во следните четири декади.

Приближно 7 милијарди од 9.2 милијарди тони пластика произведени од 1950 до 2017 година се претворени во пластичен отпад, кој завршува на депониите или се фрла во природата. Се проценува дека од меѓу 19 и 23 милиони тони, приближно колку тежината на 2.200 Ајфелови кули, секоја година завршуваат во езерата, реките и морињата.

Пластиката која за првпат во океаните беше регистрирана во 60-те години, денес опфаќа речиси 80% од загадувањето на океаните.

ОН предлагаат намалување на пластичниот отпад за 80 отсто до 2040 година

Земјите можат да го намалат загадувањето со пластика за 80 отсто до 2040 година со примена на постојната технологија и правење големи промени во политиките, се вели во новиот извештај на Програмата за животна средина на Обединетите нации (UNEP).

Телото на ОН со седиште во Кенија објави анализа на политичките опции за справување со кризата со пластичниот отпад непосредно пред земјите да се соберат во Париз на вториот круг разговори за да изготват глобален договор за елиминирање на пластичниот отпад. Извештајот се фокусира на три главни пазарни промени потребни за да се создаде „циркуларна“ економија што ќе ги одржува произведените артикли во оптек што е можно подолго: повторна употреба, рециклирање и префрлање на пакувањето од пластика на алтернативни материјали. „Ако ги следиме овие насоки, вклучително и преговорите за договор за загадување со пластика, можеме да постигнеме големи економски, социјални и еколошки придобивки“, вели Ингер Андерсен, извршна директорка на УНЕП.

ОЕЦД: Глобалниот пластичен отпад речиси ќе стане трикратно поголем до 2060

Од друга страна, Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) проценува дека глобалниот пластичен отпад речиси ќе стане трикратно поголем до 2060 година, при што половина ќе заврши на депониите, а помалку од петтина ќе се рециклира. Ова е еден од заклучоците наведени во извештајот на ОЕЦД од минатата година. Се проценува дека глобалната потрошувачка на пластика ќе порасне од 460 милиони тони во 2019 година, на 1,23 милијарди тони до 2060 година. Како причина на тоа се наведува „недостаток на нови храбри политики“. „Растот ќе биде најбрз во земјите во развој, во Африка и Азија, иако во 2060 година земјите членки на ОЕЦД и понатаму ќе произведуваат многу повеќе пластичен отпад по лице (238 килограми) годишно во просек, отколку земјите кои не се дел од организацијата (77 килограми)“, се наведува во извештајот.

TRT Balkan / агенции
Популарни