Океаните се удавени во пластика. Според истражувањата на Обединетите Нации (ОН), 85% од ѓубрето во океаните е пластика. Таа може да се најде и на површината на Маријанината дупка, најдлабоката точка на планетата, и на врвот Монт Еверест, највисоката точка на Земјата.
Човековото влијание врз океаните, дури и на најнедостапните места, укажува на фактот дека загадувањето е вон контрола и влијае врз уништување на биодиверзитетот.
Според проценките на ОН, до крајот на декадата речиси 40 милиони луѓе ќе бидат директно вработени во поморските индустрии. Тоа обезбедува егзистенција за десетици милиони семејства и се поголемото исцрпување на морските ресурси може да создаде огромна економска и социјална криза, покрај еколошката катастрофа.
ОН се обидува да ги обедини сите напори и активности за спас на масовното водно тело, заштита на животинските видови, но и спречување на последиците од климатската криза и социо-економските кризи од кои ќе страда населението, во една глобална иницијатива.
Огромни пространства ѓубре
Се проценува дека количината на отпад испуштена во океаните трикратно ќе се зголеми во наредните две децении. Така од испуштање на 11 тони годишно, до 2040 година во океаните ќе се собира и до 37 милиони тони отпад.
Иако океанот изгледа огромно и зафаќа две третини од планетата, всушност се повеќе се зголемува неповолната зона за одржување живот.
Економските штети на годишно ниво се проценуваат на 100 милијарди долари на товар на приватниот сектор, а допрва се откриваат се повеќе нови трошоци и загуби.
Медитеранот годишно ќе трпи загуби од речиси 150 милиони американски долари, додека пак загубите во Пацификот се проценуваат на околу 10 милијарди долари, или десеткратно повеќе отколку во 2009 година, стои во извештајот „Од пластично загадување до решение“ на ОН.
Зошто се важни океаните?
Океаните апсорбираат една третина од целото загадување кое човекот го создава со емисии на јаглероден диоксид во атмосферите. Исто така океаните придонесуваат во создавање на 50% од целиот кислород.
Нарушувањето на морското ниво, промената на температурите на морските струи, хемискиот состав на водите и условите за живот нема да влијаат само врз живите организми под водата, туку и на целото човештво.
Затоа неопходна ќе биде глобална акција за спас на океаните во која мора да се активираат владите преку јасно насочена политичка волја за наоѓање решенија и придонес од приватниот сектор, науката, активистите и експертите.