Европската Унија (ЕУ) извезла 33 милиони тони отпад во 2021 година во држави кои не се членки на унијата. Тоа претставува зголемување од 77% за 17 години односно споредено со 2004 година, за кога се достапни статистички податоци. Според Евростат и увозот на отпад во ЕУ од земји кои се надвор од унијата пораснал за 11 % во последните 17 години. Земјите од ЕУ, во 2021 година увезле 19,7 милиони тони отпад.
Турција главна дестинација
Најголем дел од отпадот од ЕУ во 2021 година бил увезен во Туркије. Се работи за 14,7 милиони тони што е над трипати повеќе во споредба со 2004 година. Тоа претставува речиси половина од вкупниот отпад кој бил извезен од Европската унија.
На второ место според увозот на отпад од ЕУ се наоѓа Индија со 2,4 милиони тони. Следуваат Египет со увезени 1,9 милиони тони, Швајцарија со 1,7 милиони тони и Обединетото Кралство со 1,5 милиони тони.
Листата од десет најголеми увозници ја надополнуваат Норвешка со 1,4 милиони тони, Пакистан 1,3 милиони тони, Индонезија 1,1 милиони тони, САД 0,9 милиони тони и Мароко со 0,6 милиони тони.
Раст на увозот во Пакистан, пад во Кина
Во последните 17 години во Пакистан се забележува зналително зголемување на увозот на отпад. Од 0,1 милиони тони во 2004 до 1,3 милиони тони во 2021 година. За разлика од Пакистан, увозот во Кина опаѓа драстично. За разлика од 2009 година кога биле увезени 10,1 милиони тони, во 2021 увозот бил 0,4 милиони тони.
Железо и челик половина од отпадот во ЕУ
Отпадот од железо и челик од Европската Унија во 2021 година изнесувал 19,5 милиони тони. Тоа изнесува 59 отсто од вкупниот отпад. И во оваа категорија Туркије е главната дестинација каде завршиле 13,1 милиони тони отпад од железо и челик извезени од унијата. Од друга страна, ЕУ увезла 5,5 милиони тони отпад од железо и челик. Најголем дел од него доаѓа од Велика Британија.
Индија најголем увозник на хартиен отпад
Исто така Евростат пресметал дека 4,4 милиони тони хартиен отпад биле извезени од Европска Унија. Во најголем дел, 1,2 милиони тони или 26 отсто завршиле во Индија, на второ место е Индонезија со 0,9 милиони тони, а на трето место е Туркије со 0,4 милиони тони.
Што се однесува до увозот на хартиениот отпад во ЕУ, се работи за 2,4 милиони тони. И тука како и во ситуацијата со железото и челикот најголем дел од хартиениот отпад доаѓа од Велика Британија.