Зошто Европјаните се сомневаат во квалитетот на храната?     Фото: TRT Balkan

Добар дел од европските жители немаат висок степен на доверба во големите синџири за производство на храна, а најголема доверба имаат во фармерите. Една третина од Европа има недоверба кон надлежните институции задолжени за регулација на пазарот на храна, покажуваат податоците од истражувањето на „ЕИТ Храна“.

Знаеме ли што јадеме?

Големото истражување кое го спроведе Европскиот институт за иновации и технологија (ЕИТ), поддржан од Европската Унија како независно тело преку одделот за храна, ги утврдува причините за недовербата и незадоволството на европските потрошувачи.

Во Европа постои отпор кон иновативните процеси во исхраната, не толку во технологијата, колку во впечатокот дека се создава „вештачка и индустријализирана“ храна.

Ако се земат во предвид негативните одговори се гледа дека недовербата на потрошувачите во Европа се однесуваат како кон производителите, така и кон институциите кои треба да го регулираат пазарот.

Од друга страна пак, корисниците најголема доверба од речиси 70% имаат директно во фармерите. Иако методите на кружна агроекономија и органско производство датираат од прединдустрискиот период, корисниците сметаат дека тие методи се добредојдени „иновации“.

Не секогаш иновативниот напредок е врзан со нова технологија, туку учење на лекциите од минатото и подобрување на тоа што функционирало порано. Европјаните исто така се скептични за концепти како „вештачко месо“ и лабораториски создадени прехранбени производи.

Сакаат да живеат одржливо, но како?

Голем фокус во извештајот е ставен на концептот на одржливост кој е комплексен и често е тешко да се докаже преку една намирница.

За европските потрошувачи е заштита на природата и водење одржлив животен стил е една од најголемите грижи. Храната е клучен елемент во постигнување одржливи практики, но се повеќе Европјани веруваат дека токму тука лежи проблемот.

На потрошувачите им недостасува начин како мотивот да живеат одржливо да го преточат во акција, и очекуваат од останатите страни, како производители, продавачи и пазарни регулатори, тоа да го направат за нив, односно да им го олеснат изборот.

Тоа може да се направи со детални ознаки на производите од тоа колку јаглерод е испуштен во атмосферата, какви пестициди и ѓубриво биле користени, дали производот влијаел на водата, земјиштето, шумите и итн.

Масовната индустријализација на прехранбените компании и исчезнувањето на малите фарми и локално произведена свежа храна се најголемиот проблем при загадувањето на околината со стакленички гасови. Тоа се повеќе ќе влијае на потрошувачите кои ќе бараат алтернативни извори на органска храна, но и на брендовите кои ќе мора да ги исполнат барањата на граѓаните за храна произведена на одржлив начин.

Одржлива храна подразбира и социо-економски заложби, покрај намалување на штетните последици врз природата како елиминирање и ограничување на употребата на вештачките ѓубрива и пестициди. Затоа не треба да се игнорира добросостојбата на фармерите и работниците ангажирани при производство на храна и третирањето на животните на хуман начин.

Но, една „лепенка“ врз самите производи нема целосно да го реши проблемот се недостиг на доверба, сметаат од „ЕИТ Храна“.

Што е следно на менито?

На ниво на Европа може наскоро да се формира нова независна агенција која би се грижела за одржливоста на храната. Нешто како Агенција за безбедност на храна, но во случајов непартиско тело кое ќе се консултира со научниците, фармерите, производителите, снабдувачите и граѓаните за одлуките кои ќе ги носи.

Токму поради најголемиот процент на недоверба кон институциите, можни се реформи во веќе постоечките агенции или формирање нови тела кои според препораките треба да бидат стручни, непартиски и непристрасни кон бизнис и политичките интереси.

Таквата агенција би се грижела повеќе за начинот на кој е произведена храната, запазување на стандардите за заштита на животната средина и намалување на загадувањето.

TRT Balkan
Популарни