Водич за работници: Каде е најевтина, а каде најскапа работната сила     Фото: АА

Ако ви се расипе машината за перење алишта или пак клима уредот цената на поправката зависи од тоа во кој дел од Европа живеете. Во Западна Европа работната рака на мајсторите се цени и до десет пати повеќе отколку на Балканот.

Па така во Швајцарија поправката на машината за перење или на клима уредот може да ве чини и до 100 евра, а на Балканот за истата работа ќе треба да одвоите 10, 20 или најмногу до 30 евра.

Доколку сте од другата страна, односно ако сте мајстор за поправка на машини или мајстор за клима уреди тогаш повеќе ви се исплати да работите во некоја од земјите од Западна Европа отколку во балканските држави бидејќи трудот се цени далеку повеќе.

Ова е од причина што за еден час работна рака не плаќа еднакво во сите земји во Европа. Постојат драстични разлики во цената на трудот од кои голем дел се законски утврдени.

Во продолжение ТРТ Балкан ви дава комплетна слика за тоа каде е најевтина, а каде најскапа работната сила.

Албанија и Северна Македонија со најевтина работна рака во Европа

Албанија е земја со најевтина работна рака во Европа. Според Статиста, една од водечките статистички платформи во светот, просечната цена што се плаќа за еден час за еден работник од оваа земја е 2,6 евра. Тоа е околу 20 пати помалку отколку сумата за која е платен работник во Швајцарија на истото работно место.

Според овие статистички податоци, ако работникот во Албанија работи 40 часа неделно во текот на четири недели во едне месец ќе заработи 416 евра.

Веднаш по Албанија е Северна Македонија. Според Статиста, просечната цена на трудот за еден час работа во Северна Македонија изнесува 3,6 евра. Тоа значи дека работниците во оваа земја земаат едно евро повеќе на час отколку работниците во Албанија, но околу 25 евра помалку на час отколку европскиот просек.

БиХ, Србија и Црна Гора со речиси идентични суми

Подобро платени се работниците во Босна и Херцеговина (БиХ), Црна Гора и Србија каде сумите што се одвојуваат за еден час работа се речиси идентични. Во БиХ, просечната цена за еден час работна рака е 5,2 евра, во Црна Гора е 5,6 евра, а во Србија е 5,8 евра.

Во Хрватска и Словенија, кои се земји членки на Европската унија, просечната цена за работна рака е поголема, но сепак помала од европскиот просек. Па така во Хрватска еден работник за еден час работа би бил платен 10,8 евра, а во Словенија е речиси двојно поскапа работната сила и за еден час се плаќа 19,9 евра.

Просекот на Европската унија е 28,5 евра со тоа што, од поразвиените земји, под таа граница е Шпанија каде работната рака е 22,8 евра.

Италија и Германија не се во топ 10

Интересно е што Италија и Германија, земји каде барајќи работа заминуваат голем број иселеници од балканските држави, не се во топ 10 држави каде најмногу се плаќа за еден час работа.

Во Италија просечната сума што ја зема еден работник е 29,8 евра, а во Германија е нешто повисока-36,6 евра.

Подобро котираат Австрија, Холандија, Шведска, Франција, Исланд, Белгија и Луксембург.

Швајцарија на врвот

Најскапо платен е трудот на работниците во Данска, Норвешка и во Швајцарија. Според Статиста, во Данска еден час работна рака се плаќа 45,8 евра, во Норвешка 47,3, а Швајцарија е единствената земја во Европа, а најверојатно и во светот, каде еден час работна рака надминува 50 евра односно чини 55,6 евра.

Интересно е тоа што, иако во рамки на Европската Унија просечната цена на трудот е на златната средина од 28,5 евра, сумата драстично варира од држава во држава. Па така најскапо е платен трудот на работниците во Данска, а најевтино во Бугарија каде за еден час работа се зема 6,5 евра.

TRT Balkan
Популарни