Секој трет жител на Балканот, односно над 7,9 милиони од вкупно 23,3 милиони жители, се изложени на ризик од сиромаштија, покажуваат податоците од Евростат.
Овие податоци де факто потврдуваат дека сиромаштијата е еден од главните проблеми со кои се соочува населението во регионот и дека се потешко наоѓаат решение за проблемот со сиромаштијата, кој е балканско секојдневие.
Податоците од Агенцијата за статистика на Европската Унија - Евростат, објавени во извештајот за изложеност на сиромаштија на граѓаните од земјите во ЕУ, но и земјите кандидати за членство во ЕУ, покажува дека речиси сите земји од Западен Балкан се меѓу земјите со висок ризик од изложеност од сиромаштија.
Третина од населението во Северна Македонија во висок ризик
Северна Македонија спаѓа во земјите со висок ризик од изложеност од сиромаштија, каде повеќе од една третина од населението, односно 32,6 отсто или над 598.768 граѓани, се соочуваат со потешкотии во обезбедување на основните средства за егзистенција.
Состојбата со сиромаштијата е слична и во Србија. Една третина од населението во оваа земја, поточно повеќе од 2,5 милиони ( 29,8 %) од граѓаните се изложени на сиромаштија и тешко обезбедуваат средства за живот.
Речиси половина од населението во Албанија во ризик од сиромаштија
Речиси половина од населението во Албанија, односно над 46,2 проценти или повеќе од 1,4 милиони жители, се изложени на ризик од сиромаштија или социјалната исклученост, покажуваат податоците на Евростат.
Европската статистичка организација нотира дека во Црна Гора, 37,8 отсто од популацијата односно над 237.000 црногорски жители, се изложени на сиромаштија.
Состојбата подобра во Хрватска и Словенија
Во поглед на изложеноста на сиромаштија, значително подобра е состојбата во земјите од регионот кои се членки на ЕУ, Хрватска и Словенија.
Во Хрватска 20,9 проценти од населението, односно повеќе од 846.000 жители се изложени на сиромаштија, а во Словенија таа стапка изнесува 13,2 проценти или над 274.500 жители.
Во извештајот на Евростат, не се објавени податоци за Косово и за Босна и Херцеговина, но Светска банка проценува дека стапката на сиромаштија во Косово изнесува 24,9 проценти, или дека најмалку 448.000 жители од 1,8 милиони жители живеат во сиромаштија.
Проценката на Светска банка минатата година е дека околу 20 проценти (640.000 лица) од жителите во Босна и Херцеговина се под линијата на сиромаштијата. Некои од меѓународните организации истакнуваат дека освен што една петтина од жителите кои веќе се соочуваат со сиромаштија, над 1,6 милиони луѓе или околу 50 отсто од населението е подложно да стане сиромашно.
Оваа ранливост главно е предизвикана од економските фактори и опоравувањето по војната, но и недостатокот на образование, а пандемијата, потоа и инфлацијата, дополнително ја отежнаа состојбата во БиХ, но и во сите земји во регионот.
Просечниот ризик од сиромаштија и социјална исклученост во земјите на ЕУ, според статистиката на Евростат, е 21,9 отсто, а се однесува на 96,5 милиони луѓе.
Поконкретно, минатата година имало 75,3 милиони луѓе во ризик од сиромаштија во ЕУ, 27,6 милиони биле во сериозно тешка материјално и социјална состојба, а 27,1 милиони луѓе живееле во домаќинство со низок интензитет на работа.
Што се подразбира под ризик на сиромаштија?
Под ризик од сиромаштија се подразбираат домаќинства кои се соочуваат со тешка материјална и социјална ранливост, не можат да си дозволат одредени материјални работи или социјални активности или имаат многу низок интензитет на работа, ниво на образование и друго.
Евростат наведува дека врз факторите кои влијаат врз сиромаштијата или социјалната исклученост влијаат индикаторите како што се интензитет на работа, ниво на образование, број на членови во семејството, услови за живот и миграцијата.