Злосторствата од омраза во Канада, кои ги пријавија полициските сили, се во пораст втора година по ред, покажаа најновите податоци на канадската Статистичка служба.
Бројот на злосторствата кои ги евидентираше полицијата порасна за 27 отсто во 2021 година, или од 2.646 инциденти на 3.360 инциденти.
Ова го следи порастот од 36 отсто на случаите на злосторства од омраза кои полицијата ги пријави од 2019 до 2020 година. Вкупно, злосторствата од омраза кои ги пријави полицијата пораснаа за 72 отсто во последните две години.
Од 2020 до 2021 година забележан е пораст на бројот на полициските пријави на злосторства од омраза поради религија - 354 инциденти повеќе, или 67 отсто.
Сите канадски провинции и територии пријавија пораст на бројот на злосторства од омраза во 2021 година, освен Јукон, во кој ситуацијата останала непроменета.
Како што објави Статистичката служба на Канада, злосторствата од омраза против еврејската популација пораснаа за 47 отсто, против муслиманите за 71 отсто, против католичката популација за 260 отсто.
Порастот на злосторствата од омраза насочени кон муслиманите следуваше по падот во 2020 година. Порастот на злосторствата од омраза кон муслиманите забележан е во истата година кога е забележан нападот во Лондон, во Онтарио, чија мета беше муслиманско семејство и кој резултираше со четири убиства и еден обид за убиство.
Националниот совет на канадските муслимани (NCCM) се огласи по извештајот за порастот на бројот на злосторствата од омраза кон муслиманите во Канада.
„Оваа година дојде до драматичен пораст на омразата кон муслиманите, како што покажаа податоците на Статистичката служба на Канада. Канадските муслимани беа жртви на омраза во 2021 година. Овие бројки, исто така, не ја говорат целата приказна бидејќи знаеме дека бројот на злосторствата од омраза значително го надминува она што се прикажува во статистичките податоци за злосторствата од омраза“, наведе NCCM, во објава на социјалните мрежи, при што порача дека е потребно многу да се работи со цел состојбата да се смени.
„Имаме многу работа за да ги спречиме сите облици на омраза во оваа држава“, истакнува NCCM.
Во Канада живеат повеќе од милион муслимани. Тоа е втора најголема религија во земјата по христијанството. Вкупната популација на Канада е близу 38,4 милиони жители.
Убиени муслимански семејства во Канада
Во јуни 2021 година, четири лица загинаа, а едно е тешко повредено кога возач на минибус удри во пешаци на тротоар во градот Лондон, во канадската провинција Онтарио. Жртвите се членови на исто, муслиманско семејство. Полицијата објави дека 20-годишниот возач со минибус удрил луѓе кои шетале по тротоар на северозападот на Лондон.
„Веруваме дека жртвите беа цел во овој напад поради своето исламско верување“, изјави шефот на лондонската полиција Стив Вилијамс.
„Имаме докази дека делуваше со предумисла и планирано, мотивиран од омраза. Веруваме дека жртвите беа цел, затоа што се муслимани“, рече Пол Вајт, полициски истражител.
Подоцна 20-годишниот возач, кој побегна по инцидентот, е фатен и приведен, а идентификуван е како Натаниел Велтман.
Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави тогаш дека е згрозен од она што го опиша како „чин на омраза“ и рече дека неговите мисли се со жртвите.
„Муслиманската заедница во Лондон и муслимани ширум светот, знајте дека сме со вас. На исламофобијата не и е место во ниту една од нашите заедници. Оваа омраза е подмолна и одвратна - и мора да престане“, напиша Трудо на Твитер.
Сличен инцидент се случи во Торонто во април 2018 година, кога 10 лица загинаа, а 15 беа повредени откако комбе влета во пешачка зона во тој канадски град.
Полицијата потоа соопшти дека е уапсен Алек Минасиан, 25-годишник по потекло од Ерменија, како и дека извел „терористички напад со возило“, забележан како „најсмртоносен напад со возило во канадската историја.“
Алек Минасјан, кој е фатен по инцидентот, обвинет е за десеткратно убиство од прв степен и 16 пати поради убиство од втор степен и притворен е.
Злосторства од омраза недоволно се пријавуваат
Карен Хира, извршна директорка на Центарот за имигранти и бегалци на Викторија, говорејќи од лично искуство како истражувачка аналитичарка во Полициската Управа на Викторија, речиси четири години, смета дека злосторствата од омраза често недоволно се пријавуваат, првенствено поради тесната дефиниција на полицијата за тие кривични дела.
Во извештајот е истакнато дека злосторствата од омраза се насочени на составни и видливи делови на идентитетот на лицето и можат несразмерно да влијаат на пошироката заедница. Инцидентот на злосторство од омраза може да се изврши против лице или имот и може да биде насочен на раса, боја на кожата, националната припадност или етничкото потекло, религијата, сексуалната ориентација, родов идентитет или израз, јазик, пол, години, ментален или физички инвалидитет, или било кој друг сличен фактор.
Како што наведува Статистичката служба, иако не е можно да се поврзат инцидентите на злосторство од омраза кои полицијата ги пријавила со одредени настани, медиумското следење и јавниот дискурс можат секако да ја зголемат свеста, како и да предизвикаат негативни реакции на луѓето кои ги споделуваат ставовите за омраза.