Северна Македонија и остатокот од Европа, со исклучок на Туркије, Русија, Белорусија и Исланд, ноќта меѓу сабота (29 октомври) и недела (30 октомври) ќе преминат на зимско сметање на времето. Во три часот по полноќ, часовниците се враќаат еден час наназад, односно времето во три ќе се смета како два часот.
Европа се оддалечува од идејата за ставање крај на летното и зимското сметање на времето. Иако Европскиот парламент ја одреди 2021 година како „нулта“ година од која ќе нема поместување на показалките на часовникот, усогласено решение нема на повидок. Но, зошто воопшто го менуваме времето два пати годишно и како тоа влијае на нашето секојдневие?
Практична примена за време на Прва светска војна
Во 1905 година британскиот градежник Вилијам Вилет прв го предложил летното сметање на времето додека јавал на коњ едно летно утро. Бил воодушевен од убавината на утрото и помислил дека е штета што поголемиот дел од лондончаните спијат во најубавото време од денот. Две години подоцна тој го објавил својот предлог, но идејата не била прво прифатена во Британија туку во друга европска земја. Поместувањето на времето за заштеда на дневна светлина го воведува Германската империја во 1916 година.
Мерката била воведена со цел да се намали потрошувачката на гориво за осветлување кое е потребно за фронтот. Примерот веднаш го следат и завојуваните страни Англија, Франција и остатокот од континентот распламтен од Првата светска војна. Во САД летното сметање на времето започнало од 31 март 1918 година.
Еден век подоцна европската цивилизација не е среде масовни војни, а според анкетите, најголем дел од граѓаните се против летно и зимско сметање на времето поради промена на биоритамот. Сепак, пандемијата со Ковид-19, економската криза, но и Брегзит ја одложија одлуката на европските парламентарци на неодредено.
Нема усогласување со биолошкиот часовник на човекот
Враќањето на часовникот за еден час наназад или поместувањето на показалките за еден час нанапред не влијаат само на тоа колку време некој ќе спие или ќе работи. Промената на часовникот според студиите на Американската акдемија за медицина на сонот (ААСМ) утврдиле бројни последици врз организмот, здравјето и расположението на луѓето по промена на стандардното време. Според ААСМ стандардното време подобро се усогласува и со внатрешниот часовник на телото.
„Со летното време се зголемува нашата утринска изложеност на темнина и вечерната изложеност на сончева светлина, што е главен сигнал за нашиот биолошки часовник. Промената на времето во март го отежнува заспивањето ноќе, го нарушува квалитетот на сонот и доведува до губење на сонот што може негативно да влијае на здравјето и безбедноста“, посочува д-р Шенон Саливан, претседател на Комитетот за јавна безбедност на ААСМ и клинички професор по медицина на сонот на Универзитетот Стенфорд.
Економски и административен хаос во Европа
Грото од европскиот континент без Русија, Туркије, Белорусија и Исланд кои веќе се откажаа од промената на времето, се потпира на летното и зимското сметање.
Европските политичари стравуваат од административен и економски хаос ако настане разногласие меѓу земјите членки и земјите кандидати или партнери. Го посочуваат примерот на островот Ирска. Ако северниот дел кој е дел од Британија го задржи летното и зимското сметање, тогаш јужниот дел со Република Ирска како членка на ЕУ ќе има сосема различно време.
Брегзит и корона-кризата ја одложија дебатата за некое догледно време, а дотогаш не заборавајте да ги поместите показалките на 30 октомври еден час наназад.