Како земјите од регионот се заштитуваат од врнежи од град?     Фото: TRT Balkan

Врнежите од град може сериозно да ги оштетат земјоделските култури нанесувајќи милионски штети, а во време на пандемија и растечка закана од инфлација заштитата од природните непогоди и уште поважна.

Во Северна Македонија две години е на сила нова уредба со која се регулира заштитата при врнежи од град. Овој систем за првпат беше применет во 2020 година.

Новиот метод целосно ги исфрли од употреба класичните градобијни ракети. Новите методи предвидуваат засејување на облаците со помош на авиони.

Во Северна Македонија постојат три авиони на Аеро Клубот од Скопје кои се користат за вакво дејствување. Голем проблем засега претставува тоа што, од сите аеродроми од кои тие полетуваат, само оној во Скопје има можност за полетување во ноќни услови.

Ова меѓу другото беше причината поради која не можеше со полн капацитет да се дејствува при невремето кое ги зафати Тетово и Лозово на крајот од мај годинава.

Што е противградобијна ракета и како дејствува?

Противградобијните ракети кои се употребуваа до пред десетина години се лансираа од земја. Тие беа поставени низ државата во седумдесеттите години на минатиот век. Во државата имаше околу 300 станици со противградобијни ракети.

Овие ракети имаа дострел од шест километри. Откако ќе бидат истрелани за десет секунди го пуштаат реагенсот сребро-јодид за разбивање на облакот. Средството не е штетно за здравјето на луѓето. Станува збор за прашкаста материја која се уфрлува во облакот за да кондензира водената пареа и да не се појават врнежи од град.

Разлики на новиот систем

Со новиот систем кој сега се употребува облаците, кои претставуваат потенцијална закана, се засејуваат од воздух. Тоа го прават авионите со испукување на таканаречени палки кои се исто така полни со реагенс сребро-јодид. Таа постапка се нарекува засејување. Со неа како и со ракетите кои се употребуваа во минатото градот се претвора во дожд или се намалува силината на облаците. Секоја палка содржи по 400 грама сребро-јодид.

Кој им кажува на пилотите кои облаци се опасни?

Пред да полетаат авионите задолжени за разбивање на облаците со град потребно е да функционира системот за детектирање. За тоа е задолжена Управата за хидрометеоролошки работи. Експертите од оваа институција ги детектираат облаците и даваат насоки со каква силина и каде да се дејствува. Но не секогаш пилотот може да дојде блиску до облакот и да ја испука палката за да се постигне посакуваниот ефект.

Раде Балабановски државен советник во Управата за хидрометеоролошки работи за ТРТ Балкан ги објаснува начините на делување на авионите за засејување.

„Еден авион кој полетува од Скопје до одредена дестинација, да речеме во Пелагонија, може да стигне за триесетина минути. Еден облак со град за да се формира се потребни од 15 до 30 минути. Прогнозите ние ги правиме претходно и ги упатуваме авионите во подрачјата каде сметаме дека ќе има облаци со град. Еден авион од полетувањето може да лета три до четири часа”, вели Балабановски.

Како е во регионот?

Искуствата на земјите од регионот во борбата против облаците со град се различни. Некои од нив користат модели кои биле актуелни во минатото, други го практицираат авионското засејување, а трети користат комбинација.

Во Босна и Херцеговина не се користат противградобијни ракети туку мрежи за заштита. Најчесто се применуваат кај земјоделските површини кои се приоритет при појава на град.

Противградобијните мрежи исто така се користат во Црна Гора. Хрватска исто така ги избегнува ракетите иако дел од земјоделските здруженија бараат нивно враќање.

Според достапните информации, Косово нема систем за заштита од врнежи од град. Србија користи авионско засејување, но и противградобијни ракети. Во државата има околу 21.000 ракети.

TRT Balkan
Популарни