Океаните кои зафаќаат 70 отсто од површината на планетата сѐ повеќе се загрозени од загадувањето кое го предизвикува човекот. Промените во морските струи се следат во последните децении и според најновите истражувања утврдено е дека тие се забрзуваат што може да го загрози „крвотокот“ на океаните. Наодите беа објавени во истражување од повеќе институти со водство на Институтот за океанографија на Кинеската академија на науки за „Науката напредува“ (Science Advances).
Потопли и позагадени океани
Првичните наоди покажуваа дека морските струи се забрзуваат поради промените во ветрот, но сега подлабоките анализи укажуваат дека самото затоплување исто така има влијание. Океанот се затоплува од врвот кон дното, па така топлината се повеќе се задржува на површината, а тоа е многу важно ако се земе во предвид дека одреден „слој“ на горниот дел од океанот е најпогоден за поморски живот.
За само 10 години струите се забрзале за 15 отсто што е рапидна промена во системот на океани кој делува како крвоток, бидејќи ја движи водата на површината. Овој механизам е клучен за миграциите на живиот свет, како подводен, така и крајбрежен.
Наглите промени во брзината на морските струи може да го загрози живиот свет кој и онака е под силен ризик од исчезнување и се помала површина каде има услови за опстанок, односно зголемување на „мртвите зони“ во планетарните води.
Спротивно на површинското забрзување на струите, на подлабоките точки на океаните доаѓа до успорување на движењето на водите.
Затнатите артерии на океаните
Дури 90 отсто од топлината која се генерира од климатските промени се апсорбира на површината на океаните.
Досега научниците утврдиле дека како резултат на човечка активност за 30% е зголемена киселоста на океаните во изминатите два века, односно од индустриската револуција до денес количината на јаглерод диоксид во нашата атмосфера е зголемена за над 35%.
Океанот игра фундаментална улога во ублажувањето на климатските промени со тоа што служи како главен „сунѓер“ за прием на топлина и јаглерод.
Како што повеќе топлина ќе се задржува на површината на океанските води, така и самата температура во атмосферата ќе расте, со што ќе се зголемат ризиците од екстремни временски настани, смртоносни топлотни бранови, помор на живиот свет во водите, намалени извори на исхрана и неповратна загуба на балансот на планетата.