Предности и недостатоци на подземен сообраќај     Фото: AFP

Подземните сообраќајници одамна не се новитет. Развиените држави се повеќе применуваат вакви инфраструктурни решенија, главно заради помал метеж на улиците и булеварите на површината и заради брзината на транспортот. Британскиот радиодифузен сервис Би-Би-Си ги анализира предностите и недостатоците во ситуација, ако целиот сообраќај се одвива под земја.

Повеќе дрвја, паркови и обработливо земјиште

Една од најголемите придобивки од пренасочувањето на патниот сообраќај под земја според анализата ќе биде ослободувањето на голем простор што би се користел за друга намена.

Спуштањето на сообраќајниците би значело и повеќе дрвја и паркови. Тоа доведува до помало загадување и почист воздух, поради намалената потрошувачка на горива и емисии на јаглен. Истото се однесува и на паркинзите.

„Како што климатските промени се причина за екстремни временски појави, зелените површини и парковите ги прават градовите поотпорни. Зелените појаси впиваат околу 40 отсто од водата која се задржува во асфалтот и овозможуваат подобра заштита од поплави. Дрвјата исто така можат да ја намалат температурата до 40 отсто во текот на денот” се вели во анализата.

Во руралните подрачја тоа би значело повеќе земја за земјоделие. За животните пак, патиштата на површината можат да делуваат како бариера одвојувајќи ги едни од други, смета Алекс Кофин од американското министерство за земјоделие.

Повеќе простор за останатите учесници во сообраќајот

Подземните сообраќајници би значеле многу за пешаците, велосипедистите и луѓето кои џогираат. Просторот за автомобили би бил пренаменет за нив. Ова е ставот на Рејчел Алдред универзитетска професорка на Вестминстер Лондон.

„Околу 1,3 милиони луѓе во светот секоја година гинат во сообраќајни несреќи. Тоа е водечка причина за смрт кај луѓето од 5 до 29 години”, истакнува Алдред.

Избегнување временски неприлики

Возењето под земја исто така може да биде полесно од она на површината, поради тоа што возачите би ги избегнале временските неприлики, екстремно високите и ниските температури, дождовите, врнежите од снег.

„Долу во климатска смисла можете да контролирате се. Можете да го контролирате животот. Инфраструктурата која ја градиме под земја трае подолго”, истакнува за Би-Би-Си Бредли Герет, географ и културолог од универзитетот во Даблин.

Подземни опасности

Сепак и покрај многуте предности, сообраќајот под земја има и многу недостатоци. Честите климатски промени придонесуваат поплавите да претставуваат сериозен ризик. Како недостаток британските експерти го истакнуваат и пристапот до подземните сообраќајници. Подземниот сообраќај повлекува и изградба на лифтови и скали. Системот за евакуација исто така може да биде проблем. Тунелите би требало да бидат доволно широки за автомобилите лесно да можат да се поместат од улиците. И да им се овозможи на итните служби да дојдат до луѓето.

Загадувањето останува во друг облик?

Со подземните улици сигурно би се отстранило загадувањето кое е на површината. Сепак тоа би се пренело на друго место. Затоа мора да се размислува за систем за вентилација. Олеснителна околност би била употребата на електрични автомобили чија продажба ќе биде доминантна дури за околу триесет години.

Огромни трошоци

Изградбата на подземни улици е скапа работа. Поскапа од изградбата на улиците на површината. Огромни финансиски средства се потребни и за зајакнување на тунелите во кои би се движеле автомобилите. Би-Би-Си пишува за проценка за трошоци за една милја подземни сообраќајници во Кина, Индија и Југоисточна Азија варира од 100 до 200 милиони долари, во Европа од 250 до 500 милиони долари, а во САД од 1,5 до 2,5 милијарди долари. Иако технологијата за изведба на тунели значително напредуваше сепак тоа се уште е долг и макотрпен процес. Осветлувањето кое мора да биде постојано исто така ќе биде значителен трошок.

TRT Balkan / агенции
Популарни