Сликите од враќањето на делфините во градските пристаништа на почетокот од пандемијата од Ковид-19, обновата на шумите и дивиот свет во моменти на сопрено човеково делување, траеја кратко, и брзо човештвото се соочи со суровата реалност колку многу е загадена планетата Земја.
Научените лекции од корона-кризата требаше да овозможат спроведување на краткорочни и долгорочни акциски планови за економско закрепнување кое ќе биде поправедно и одржливо, како и воспоставување на подобри механизми за справување и брз одговор на глобалните пандемии и засилување на јавните системи за здравствена заштита.
Во третата година од пандемијата со Ковид-19 која Антонио Гутереш, генералниот секретар на Обединетите Нации (ОН) ја прогласи за најголемиот глобален предизвик во последните седум децении, здравствените ризици за населението се сѐ поголеми. Овој факт се нагласува, ако се земе во предвид и враќањето на стапките на загадување на претпандемиско ниво.
Кои лекции ги остави корона-кризата?
Според податоците на Обединетите Нации (ОН) користиме ресурси на ниво од над планета и половина за задоволување на сите потреби со што дополнително се загрозува природниот свет, а климата несопирливо се загрева.
Но, како што економската активност се враќа во живот и се брза кон раст на бруто домашниот производ, така и загадувањето од енергијата, транспортот, индустријата, туризмот, и останатите гранки се враќа на претпандемиско ниво, а во некои случаи дури ги надминува и горните граници.
Со карантините повеќе животи беа спасени од аерозагадувањето отколку од спречување на заразата со коронавирусот. Веќе во септември 2020 година загадувањето на воздухот се врати на нивото од пред пандемијата со речиси идентични стапки на застапеност на штетни честички.
Сепак, и со намалено загадување од јаглероден диоксид за околу 25% за време на рестриктивните мерки, количината на емисии беше многу висока или слична како таа во 2006 година. Тоа укажува дека речиси секоја година, освен во 2019-та постојано имало раст на загадувањето од најмалку 1%.
Големото загадување дополнителен ризик
Пандемијата покажа колку населението е ранливо од аерозагадувањето и според анализата на Школата за јавно здравје на Харвард речиси 15% од смртните случаи предизвикани од Ковид-19 се препишуваат на претходни ризик фактори под влијание на штетните ПМ честички и белодробни заболувања.
Враќањето на аерозагадувањето на рекордно високи стапки ги натера глобалните институции во сите стратегии за закрепнување од Ковид-19 да го вклучат и справувањето со загадениот воздух кој годишно одзема илјадници животи ширум светот.
Но, и натаму големата зависност од енергетските загадувачи како јагленот, нафтата и гасот и бавната енергетска транзиција со обновливи извори не придонесува кон намалување на загадувањето и заштита на јавното здравје.
Јагленот практично се врати на голема врата како еден од најкористените енергенси откако се засили енергетската криза во текот на зимата со недостигот на гас и неговото драстично поскапување.
Годишно од загаден воздух во светот умираат околу 7 милиони луѓе, проценува ОН, бројка која се влоши со Ковид-19.
Комбинацијата на загаден воздух, исцрпени планетарни ресурси кои не може да го следат животниот стил и економскиот раст мерен само според покачување на БДП, еден милион животински видови кои се пред исчезнување, уништувањето на шумите за сметка на нови земјоделски и градежни површини и растот на температурите, ги прават најлошите сценарија остварливи и многу побрзо реални отколку што претходно се проценуваше.