Европа се соочува со пад на бројот на живородени бебиња од 14% во јануари 2021 година, односно девет месеци по избивањето на глобалната пандемија со коронавирусот.
Наместо бејби бум по карантините и мерките за ограничено движење и друштвена дистанца, во Европа се забележува пад на бројот на живородени бебиња. Во истражувањето на научници од Швајцарија набљудуван бил периодот по девет месеци од избивањето на пандемијата со Ковид-19 кога е забележан пад 14% на новороденчињата.
„Падот на бројот на раѓања, девет месеци по почетокот на пандемијата, се чини дека е почест во земјите каде здравствените системи беа оптоварени, а капацитетот на болниците беше недоволен“, рече Лео Помар водечкиот автор на студијата.
Научниците од Швајцарија во списанието „Human Reproduction“ објавија дека земјите со најстроги карантини на почетокот на 2020 година и преполни одделенија за интензивна нега доживеале најголем пад на живородените деца девет до десет месеци подоцна.
Ова се загрижувачки бројки, особено за земјите од Западна Европа каде наталитетот се намалува, а населението се повеќе старее. Така во јануари 2021 година, најверојатно поради стравот од неизвесноста на пандемијата, бројот на бебиња споредено со истиот период претходните години, драстично се намалил.
„Колку беа подолги карантините, толку помалку бремености имаше во тој период, дури и во земји кои не беа сериозно погодени од пандемијата. Сметаме дека стравот на паровите од здравствена и социјална криза во времето на првиот бран на Ковид-19 придонесе за намалување на живородените деца девет месеци подоцна“, рече тој.
Англија и Велс забележаа пад од 13% на живородените деца во јануари 2021 година во споредба со јануари 2018 и 2019 година, додека бројот на бебиња родени во Шкотска паднал за 14%.
Литванија и Романија забележаа најголем пад на живородените деца, 28, односно 23 отсто.
Шведска, која немаше карантин, но имаше висока стапка на смртност, не доживеа пад на живородените деца, открија истражувачите.
Тимот откри дека времетраењето на карантинот е клучен фактор поврзан со падот на живородените деца во јануари 2021 година во споредба со јануари 2019 и јануари 2018 година.
„Поврзаноста што ја откривме со времетраењето на карантинот може да одразува многу покомплексен феномен, бидејќи карантините се владини одлуки што се користат како последно средство за да се спречи пандемијата. Времетраењето на затворањето има директно влијание врз паровите“, рече Помар.
Кристијан Де Гејтер, професор на Универзитетот во Базел во Швајцарија, кој не бил вклучен во студијата, вели дека „овие набљудувања се важни затоа што покажуваат дека човековото репродуктивно однесување, како што е потврдено од бројот на живородени деца, се менува за време на драматични настани. епидемии и глобални кризи“.