Ако некој пред пандемијата од Ковид-19, односно во 2019 година, ви речел дека ќе мора да носите маски на отворено и затворено и дека тие ќе станат дел од секојдневниот „имиџ“ тешко дека ќе поверувавте. Истото се однесува и на работата од дома или на онлајн наставата. Сето тоа пред коронавирусот изгледаше надреално. Не би изостанале ниту коментари полни со иронија, ако некој ве предупредел дека ќе ви биде ограничена слободата на движењето.
Но во изминатите две години пандемијата на Ковид-19 донесе многу промени, а со дел од нив сè уште живееме. Некој побрзо, некој помалку, но сите се навикнавме да живееме со новата нормалност.
Долгите редици пред банките и поштите исчезнаа, а заживеа електронското и мобилното банкарство и сите други кориснички услуги овозможени преку интернет. Собите се претворија во работни канцеларии, а канцелариите во кои работевме пред пандемијата останаа да чекаат подобри времиња и крај на пандемијата. Влегувањето во угостителските објекти беше условено во одреден период и со ковид-сертификати.
Голем дел од овие промени сега се олеснети, но новиот бран на заболени од коронавирус може сето тоа лесно да го промени.
Ова се петте најголеми промени што ги донесе пандемијата од почетокот на нејзината појава.
Лекување преку телефон
Пандемијата во голема мерка влијаеше врз здравствениот систем. На лекарите и на медицинските работици им донесе многу работа што ги надминува нивните можности, а поради лошата ситуација и напори на менаџментите за подобро управување на состојбата отворани се и модуларни болници каде се сместувани пациентите заразени од Ковид-19.
Потребата за лекување на ковид пациентите, кои беа приоритет и во текот на 2021 година, одложи бројни операции, редовни контроли, но и превентивни прегледи.
Многумина лекари, наместо на своите редовни позиции, мораа да бидат ангажирани во ковид центрите, а телемедицината се повеќе добиваше на значење.
Настава од далечина
Учениците и студентите се во онаа категорија граѓани која посебно го смени вообичаениот начин на работа во текот на минатите две години. Училиштето функционираше по различни модели на настава, кои често се менуваа, дури на седмично ниво, во зависност од епидемиолошката слика во земјата.
Учениците, професорите, но и родителите, се навикнуваа во текот на пандемијата на онлајн настава, различни платформи за следење на предавањата, проследување на материјали.
Во текот на целата 2021 година се менуваа „корона правилата“ во училиштата. Онлајн наставата е воведена уште на почетокот на епидемијата во 2020 година. Со тоа многу се смени ученичкиот живот, почнувајќи од начинот на следење на наставата, учењето, па до вонучилишните активности и дружењата.
Во периодот на Ковид-19 пандемијата, детските искрени насмевки ги покрија маските со кои се штитат од ширењето на вирусот, а безгрижните дружења, ученичкиот џагор и училишното ѕвонче ги заменија звуците на апликациите за следење на наставата од далечина и уредите за дезинфекција.
Сепак, овој вид настава за целото време на пандемијата се унапреди, а учениците и професорите стекнаа и нови вештини, развија нови начини на комуникација, пренесување и стекнување на знаењето.
Работа од дома
Учениците се навикнуваа на онлајн предавањата, вработените на работа од дома и исто така онлајн завршување на многу работи.
Работите кои инаку може да се завршат преку интернет доживеаа уште поголема популарност во текот на пандемијата, а оние кои и пред тоа ги извршуваа на тој начин не мораа да се привикнуваат на новиот начин на работа. Но во голем број беа и оние кои мораа да се привикнат на новиот начин на работа. Своите удобни соби ги трансформираа во канцеларии и се навикнаа на деловни состаноци преку видеоврска.
Многу компании тој режим на работа го задржаа и по попуштањето на мерките, и сега состаноците, конференциите и другите активности почнаа да ги извршуваат од дома.
Патувањето стана „долга процедура“
Она што потполно се смени во текот на пандемијата беа патувањата надвор од границите на државите. За патување надвор од земјата во време на пандемијата не беше довелен само пасошот, туку и други потврди кои се однесуваат на вакцинација, прележан Ковид-19 или негативен ПЦР тест и антиген тестови. Влегување во авион, воз, автобус, стана незамисливо без заштитна маска, што на многумина им го отежнува патувањето и го прави непријатно.
Во рамките на пандемискиот период, пред патување во одредени држави потребно беше да се најавите преку апликација или на граница да пополните формулар со лични податоци, податоци за здравствнената состојба, но и за тоа на која адреса патувате.
Голем дел од мерките засега се олеснети, но новите бранови на коронавирус може да ја промената таа ситуација.
Ковид сертификати
Освен на патувањата, пандемијата имаше, но и се уште има свое влијание и врз работата на угостителските објекти. Ова особено беше нагласено со почетокот на масовната вакцинација против Ковид-19 и добивање на ковид-сертификатите кои се доказ за вакцинација. Со нив беше овозможено влегувањето во угостителските објекти и во трговските центри.
Оние што се вакцинираат добиваат сертификат за вакцинација вефификуван од Министерството за здравство, со кој може да се влезе во затворени објекти, но и да се патува во странство. Угостителските објекти во најголема мера веќе не бараат вакви сертификати.