Обединетите нации во еден од последните извештаи предупредуваат за топење на глечерите, голема топлина и вселенски отпад. Извештајот е објавен на еден месец пред клучните разговори за климата во Обединетите Арапски Емирати.
Извештајот за меѓусебно поврзани ризици од катастрофи ги идентификуваше точките на ризик за системот. Тие се дефинирани како момент кога одреден социо-еколошки систем веќе не е во состојба да ги амортизира ризиците и да ја обезбеди својата очекувана функција, по што ризикот од катастрофа значително се зголемува.
Извештајот се фокусира на шест области кои ја поврзуваат природата со општеството: забрзано исчезнување, трошење на подземните води, топење на глечерите, вселенски отпад, неподнослива топлина и неизвесна иднина.
„Додека неселективно ги исцрпуваме нашите водни ресурси, ја уништуваме природата и биолошката разновидност и ја загадуваме Земјата и вселената, опасно сме блиску до работ на повеќекратни ризични пресвртни точки кои можат да ги уништат самите системи од кои зависат нашите животи“, рече Жита Себесвари. водечки автор на извештајот.
На пример, подземните акумулации претставуваат важен ресурс на свежа вода во светот и денес ублажуваат половина од земјоделските загуби предизвикани од сушите, кои стануваат се почести поради климатските промени.
Но, самите водоносни слоеви сега се исцрпуваат побрзо отколку што можат природно да се надополнат. Саудиска Арабија веќе ја премина крајната точка на ризик, а Индија не заостанува.
Во случај на забрзано изумирање, извештајот ги истакнува каскадните ефекти од истребувањето преку синџирите на исхрана.
„На пример загрозената гофера желка копа јами што повеќе од 350 други видови ги користат за размножување, хранење, заштита од предатори и избегнување екстремни температури. Ако таа желка исчезне, веројатно ќе изумре и жабата-гофер која помага во контролата на популацијата на инсекти, а тоа ќе има негативни последици низ шумскиот екосистем на југоисточниот дел на САД “, се истакнува во извештајот.
Глечерите кои складираат огромни количества свежа вода се топат двојно побрзо отколку во последните две децении.
„Точката кога глечерот произведува максимално количество вода што се одлева поради топење е достигната или се очекува да биде достигната во следните десет години за малите глечери во централна Европа, западна Канада и Јужна Америка. Повеќе од 90.000 глечери во планините Хималаите, Каракорум и Хинду Куш се загрозени, како и речиси 870 милиони луѓе кои се потпираат на нив“, се предупредува во извештајот.
Во делот за вселенски отпад, извештајот предупредува дека орбитата на Земјата е изложена на ризик да достигне толкаво количество отпад што може да предизвика верижна реакција и да ја загрози човечката способност да управува со сателити, вклучително и оние кои обезбедуваат рано предупредување за катастрофи.
Извештајот предупредува дека решенијата насочени кон одложување на проблемот, наместо вистинско решавање на основните причини, главно се усвојуваат и се спроведуваат.
„Треба да разбереме дека постои разлика помеѓу приспособувањето на пресвртните точки на ризик и нивно избегнување, и помеѓу активностите кои ги одложуваат ризиците кои се наѕираат и оние кои нè движат кон трансформација“, се вели во извештајот.