Секој граѓанин треба да располага со правото да побара од државните институции информации кои се достапни за јавноста и кои се од заеднички интерес. Но, недостигот на внатрешни капацитети на институциите, застарени технологии, како и злоупотреби и молк се главните причини поради кои граѓаните, новинарите и сите заинтересирани не може да дојдат до потребните информации во некои од земјите во светот.
Затоа Обединетите нации го издигнаа ова прашање на повисоко ниво, барајќи од земјите членки правни и политички гаранции, а во последно време се повеќе се фокусираат и на технолошките предизвици со развојот на вештачката интелигенција, унапредувањето на е-владеење и заштита на приватноста и личните податоци.
Годинава, 28 септември како Меѓународен ден на универзален пристап до информации од јавен карактер се одбележува токму со акцентирање на примената на вештачката интелигенција за автоматизирање на процесите и олеснување на пристапот, но и како институциите треба да постапуваат за да не дојде до злоупотреба на приватноста и податоците кои се собираат од барателите на информации.
Една третина од населението нема пристап до информации
Пристапот до информации од јавен карактер добива се поголемо значење како основно човеково право, за граѓаните да можат да носат информирани одлуки, а истовремено да се одговори на модерните предизвици кои се закана за демократијата.
„Навистина, информациите играат суштинска улога во демократските општества. Тие помагаат да се разоткријат лагите и да се спротивстават на дезинформациите, го поткопуваат говорот на омраза и го поттикнувааат меѓукултурното разбирање“, порача Одри Азулеј, генерална директорка на УНЕСКО.
Азулеј додава дека информациите може да бидат инструментални за поголема демократија, но затоа мора секој да има еднаков пристап до нив, што подразбира поголема пенетрација на интернетот и достапност на технолошки алатки.
Од една страна е неопходна зголемена вклученост во дигиталните процеси, а од друга страна е потребна соодветна заштита од страна на државата. Засега само околу две третини од земјите членки на ОН усвоиле уставни, статутарни и политички гаранции.
Како стигнавме до тука?
УНЕСКО на 17 ноември 2015 година објави дека Меѓународниот ден за универзален пристап до информации ќе се одбележува и слави на 28 септември секоја година.
74-то Генерално собрание на ОН го прогласи 28 септември за Меѓународен ден за универзален пристап до информации на ниво на ОН во октомври 2019 година.
Оттогаш голем број земји и нивните национални агенции за слободен пристап до информации од јавен карактер го прифатија денот кога треба да се зголеми свесноста за потребата од поголема информираност на граѓаните и еднаков пристап до информации.