Кои професии имаат најмногу доверба во јавноста, а кои најмалку?     Фото: ТРТ Балкан

„Верувајте ми, јас сум лекар“, е реченица која безмалку секој ја чул барем еднаш во животот. Но оваа, навидум обична фраза не е случајна туку се базира на реалноста, покажува истражувањето на Ипсос, според кое лекарите уживаат најголема доверба кај јавноста на глобално ниво, кога станува збор за оценка на довербата во различните професии.

Глобалниот индекс на доверба (ГИД) на Ипсос го прикажува нивото на доверба во многу различни професии, обезбедувајќи споредби меѓу светот пред пандемијата и онаму каде што сме во моментов.

Истражувањето е спроведено во 28 земји низ целиот свет, во кое се вклучени речиси 20.000 луѓе, кои се интервјуирани онлајн во период помеѓу 23 април и 7 мај 2021 година, објави „Статиста“.

Просечно 64 отсто од анкетираните рекле дека лекарите се доверливи, а по лекарите, следуваат научниците со 61 отсто и наставниците со 55 отсто доверба.

Политичарите на дното

Само 10 отсто од анкетираните сметаат дека треба да им се верува на политичарите, 14 отсто го сметаат истото за владините министри и 15 отсто за менаџерите на рекламните компании, со што овие професии евидентно уживаат најмала доверба во јавноста.

Истражувањето покажува дека позициите на бројни професии се променети во последните години, но и дека влијанието на пандемијата го зголеми угледот на лекарите,со што тие ги надминаа научниците кои беа професија со најголема доверба. Седум проценти се зголеми довербата на лекарите во однос на 2019 година и девет проценти во однос на 2018 година.

Обединетото Кралство е светски лидер во довербата кон лекарите, со 72 отсто од граѓаните што им веруваат, и овој процент малку се зголемил од 2018 година. (67 отсто). Во лекарите голема доверба имаат и Холанѓаните (71 отсто) и Канаѓаните (70 отсто).

Мексико е единствената земја што регистрира пад на довербата во лекарите меѓу 2019 и 2021 година, со доверба од 71 на 66 отсто.

Бројни други професии остануваат на слично ниво со оние забележани пред периодот на пандемијата, вклучувајќи ги тука и политичарите, што се на дното на листата во сите три години.

TRT Balkan
Популарни