Дали сте знаеле како настанало тактилното писмо за слепи?      Фото: AA

Лицата со целосно или делумно оштетен вид имаат право на образование кое не би било возможно без Брајовото писмо. Од 2019 година Обединетите нации прават напори да се зголеми вниманието кон овој проблем. Затоа 4 јануари, денот кога е роден францускиот едукатор Луј Брај, основачот на тактилното писмо за слепи се одбележува во целиот свет. Целта е да се зголемат содржините со тактилни знаци во Брајово писмо, како и аудио едукативните материјали.

Што е Брајово писмо?

Брајовото писмо не е посебен јазик туку систем на тактилни симболи, кој се состои од подигнати точки организирани во ќелии. Секоја ќелија има матрица од три реда и две колони. Со ова писмо може да се обележат буквите од секоја азбука со одредена комбинација на испакнати точки. Се користи и за бројки, музички знаци и мелодии, графика па дури и илустрации.

Создадено е од Луј Брај кој како дете по една несреќа останал слеп. На петнаесетгодишна возраст ја направил првата тактилна азбука инспириран од кодот за тајно допишување наречен „ноќно пишување“ кое војската на Франција го користела за шифрирани пораки.

Војниците можеле да добијат команди во текот на ноќта и без употреба на вештачка светлина да ги прочитаат само со допир за да не ја откријат својата позиција.

Пијанист со оштетен вид чита ноти со тактилни симбоили     Фото: AA

Има ли доволно содржини?

Македонската брајова азбука се заснова на Обединетиот меѓународен Брајов систем со знак за сите букви од македонската кирилица, како и интерпункциските знаци кои се употребуваат во македонската граматика.

Лицата со оштетен вид и слепило може да го добијат Уставот на Република Северна Македонија кој целосно е транскрибиран со Брајова азбука.

Достапна е и инклузивната сликовница-буквар со наслов „Буква по буква - азбука" создадена во три верзии на кирилица, знаковниот јазик и брајовата кирилична азбука за луѓето без и со попреченост полесно да комуницираат меѓу себе.

Прирачникот за стратегии за барање работа на Брајово писмо кој го изработи средното училиште „Димитар Влахов“ со поддршка на УСАИД треба да им помогне на овие лица полесно да дојдат до вработување.

Дигитализација на Брајовото писмо

Според информациите на Обединетите нации, лицата со попречен вид и слепите се во зголемен ризик од социјална исклученост, потешко наоѓаат работа, живеат во сиромаштија и имаат ограничени можности кои се засилија со пандемијата на коронавирусот.

Токму допирот за нив е клучен во добивање информации за околината, а ограничувањето доведува до зголемен ризик од заразување и несоодветна медицинска заштита.

За нив неопходни се подобри и побезбедни решенија кои ќе направат спој на традиционалната Брајова азбука и дигитализацијата.

Графичкиот дизајнер Косуке Такаши направи нов фонт базиран на Брајово писмо кој може да го користат и тие што гледаат и тие со попречен вид бидејќи алфанумеричките знаци се испишани и со тактилни точки и со конвенционалните симболи.

Иновации како паметни екрани на кои може да се добие тактилна поддршка овозможуваат приказ на голем број содржини кои постојано се освежуваат.

Оваа технологија како и мобилните апликации за поддршка на слепите иако делуваат иновативно и нудат решенија за многу проблеми, сепак не се доволно достапни за сите, а им недостасуваат и соодветни инвестиции за развој.

TRT Balkan
Популарни