Пендаровски: Дискриминацијата претставува голем предизвик / Photo: AA

Меѓународниот балкански универзитет во Скопје одржа панел-дискусија на тема „Човековите права од образовните перспективи“ (Human rights on educational perspectives), на која присуствуваше и претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Покрај претседателот Пендаровски, на панел-дискусијата присуствуваше и ректорот на ИБУ, проф. д-р Мехмет Дурсун Ердем, како и претставници на турските институции и организации во Северна Македонија.

Во својот почесен говор претседателот Пендаровски истакна дека правото на образование е клучно за остварување на сите други човекови права.

Зборувајќи за предизвиците со кои се соочува образованието во Северна Македонија, Пендаровски рече дека дискриминацијата претставува голем предизвик.

Тој рече дека дискриминацијата во образованието е една од најдеструктивните, бидејќи го поткопува човековото достоинство и го уназадува развојот на човековата личност. Според него, најчести жртви на дискриминацијата се децата и младите.

„Последниот извештај за човековиот развој на УНДП потврди дека се шири јазот на нееднаквоста во државите, вклучително и јазот во дигиталното образование. Највисоката цена ја плаќаат најсиромашните кои се најранливи во кризни времиња. Познато е, дека на пример, пандемијата ги исклучи оние ученици и студенти кои немаа пристап до брз интернет, или до соодветен компјутер, за да ја следат онлајн наставата“, рече Пендаровски.

Зборувајќи за потребата од поголема инклузивност особено во образованието, тој истакна дека инклузијата не е само формално-правна, туку и морална обврска.

Според Пендаровски, друг предизвик со кој се соочува образованието во Северна Македонија е демотивацијата, а за да се реши овој проблем, потребно е образованието да добие вистински третман во општеството.

Ректорот Ердем рече дека заштитата и развојот на човековите права треба да бидат прв приоритет на општествата на патот кон просперитетот, мирот, успехот, среќата, разбирањето и милоста.

„Ние треба да ги прифатиме и усвоиме принципите на човековите права на највисоко ниво и да ги интегрираме овие принципи во секој чекор од нашето патување“, рече Ердем.

Кампусот на ИБУ како заедничка основа за обединување на различностите

Тој информира дека во Декларацијата на ОН за човекови права од 2011 година, во врска со образованието е јасно наведено дека секој има право да добива информации за основните човекови слободи и права, како и право да добива образование и пристап до информации.

„Како ректор на ИБУ, би сакал со гордост да кажам дека ги воспоставивме вредностите и принципите на човековите права во нашиот Универзитет и кампус. Нашиот Универзитет е дом на академски кадар и студенти од многу националности, етникуми и религии. Нашиот кампус служи како заедничка основа за луѓето од сите раси и вери да се здружат и да ги споделат своите вредности, искуства и знаења“, рече тој.

По почесните говори, следуваше панел-дискусија на која учествуваа универзитетски професори, пратеници и други поранешни и актуелни лидери на институции и граѓански здруженија.

TRT Balkan / агенции
Популарни