Да ги искачи седумте највисоки врвови на седум континенти.Ова е мисијата на Златко Јаќоски, алпинист и доктор по судска медицина кој во мај минатата година стана шестиот Македонец кој успеал да се искачи на Монт Еверест на 8 848 метри.
Јаќоски за ТРТ Балкан го раскажува неговото искуство со искачувањето на „Врвот на светот”. Говори за адреналинот, предизвиците, опасностите кои демнеат, преубавите пејзажи.
Два месеци од искачување до симнување
Целата мисија од тргнувањето во Катманду до искачувањето на врвот и враќањето траела два месеци. Златко вели дека до 8 600 метри се искачил полесно од очекувањата. При искачувањето, најтешки биле последните 248 метри до највисоката точка на земјината топка.
„Тоа не се баш чисто 250 висински метри заради што тој дел кој се нарекува Хилари Степ и е најопасниот дел во самото качување се значи сртови каде што вие нон стоп одите горе – долу. Таман ќе постигнете одредена точка вие повторно се спуштате долу. Проблемите за мене започнаа заради недостаток на кислород којшто го имав и во самата боца, некаде од 8 600 до самиот врв. И заради тоа тој дел го искачував како во полу сон како во бунило и исплашен за сопствениот живот”, вели Јаќоски.
18 часа без кислород
Симнувањето било уште потешко. Цели 18 часа Златко останал без кислород. Тој бил дел од четиричлена интернационална мисија. Еден од членовите загинал, а на другите двајца им ампутирале прсти на рацете и нозете.
„Јас на пример имав две пролизгувања баш на хилари степ. Баш за среќа ме задржа фиксното јаже и првиот и вториот пат. Првиот пат јас дури паднав и врз едно тело коешто таму лежи со години и години што навистина ме исплаши премногу. Заради тоа што снемавме боци со кислород јас преживеав во зоната на смртта 18 часа без кислород”, вели Јаќоски.
Фаталните последици за колегите кои биле со него како и повеќето мртви тела на Монт Еверест не се причина за Златко да се откаже од предизвиците. Вели дека секојдневно се соочува со смртта на Институтот за судска медицина во Скопје каде што работи.
Какво е чувството да се биде на врвот?
Златко и останатите членови на мисијата на врвот на Монт Еверест останале само пет минути. Силниот ветер ги спречил да останат подолго.
„Буквално имавме време само да направиме неколку фотографии, да си честитаме, по радио станици се јави водичот до базата дека сме стигнати и брзо ни беше наредено дека треба да се враќаме”, истакнува Јаќоски.
Тој раскажува дека по целиот пат при искачувањето бил сведок на прекрасни пејзажи и се чувствувал како да е во средиштето на Дискавери филм. Додава дека „на врвот со гордост го развеал македонското знаме.“
„Чувството е навистина прекрасно. Горд сте што сте го постигнале тој успех. Горд сте на себе. Горд сте што претставувате една мала држава. Сепак кога ќе има знаме на една држава вие во тој момент претставувате амбасадор на државата во тој момент”, вели Јаќоски раскажувајќи за ова искуство.
Врвот Лоце следен предизвик
Од седумте највисоки врвови Златко досега се искачил на пет. Елбрус во Кавказ, Русија, Аконкакгва во Латинска Америка, Килиманџаро во Африка, Денали на Аљаскка и Монт Еверест. Му преостануваат уште искачувањата на Винтсон на Антарктик и Карсте Пирамид во Австралија и Океанија.
Следниот предизвик му е врвот Лоце. Четврти највисок врв во светот висок 8 516 метри. За сите мисии Златко главно сам успева да обезбеди финансиска поддршка. Мисиите чинат илјадници евра. Му помагаат пријатели, бизнисмени, а соодветна поддршка добил и од Агенцијата за млади и спорт.
Пред Јаќоски Димитар Илиевски Мурато, Златко Дејановиќ, Илина Арсова, Сашко Кедев и Глигор Делев претходно успеаја да се искачат на Монт Еверест.