Во реприза на минатогодишното финале Алкараз го победи Ѓоковиќ со 6-2, 6-2, 7-6 / Photo: AA

Шпанецот Карлос Алкараз втора година по ред го освои најскапоцениот трофеј во светот на тенисот, а во реприза на минатогодишното финале на Вимблдон го победи Србинот Новак Ѓоковиќ со 6-2, 6-2, 7-6 (4) во два часа и 27 минути со доминантна изведба.

Иако Шпанецот беше извонреден, мора да се истакне проблемот со сервисот на Ѓоковиќ во првите два сета, како и големиот број неизнудени грешки, кои се нетипични за Србинот.

За 21-годишниот Шпанец ова беше четврто Грен слем финале во кое ја постигна четвртата победа и му се придружи на Роџер Федерер како единствен во Опен ерата кој освои трофеи во своите први четири финалиња на четирите најголеми тениски турнири. Првиот пораз легендарниот Швајцарец го доживеа дури во осмото финале.

За 37-годишниот играч со најмногу трофеи на сите времиња ова беше 37. финале на Грен слем турнирите во кое го доживеа 13. пораз и остана на 24 трофеи, од кои седум освои на Вимблдон. Така, Ѓоковиќ сè уште го дели рекордот по бројот на гренд слем трофеи со Австралијката Маргарет Корт.

Воведниот гем беше во согласност со очекувањата. Првиот гем траеше дури 14 минути, Ѓоковиќ спаси четири брејк топки, но Алкараз сепак дојде до предност во петтиот обид.

Кога во петтиот гем седумкратниот победник на Вимблдон направи двојна грешка за нова „брејк“ топка на Шпанецот и 4-1, беше јасно дека Алкараз тешко дека ќе пропушти таква предност. Во следниот гем ја спаси единствената закана на Ѓоковиќ на негов сервис, а потоа го доби првиот сет со 6-2 за 41 минута.

Вториот сет започна по истото сценарио како и првиот - Алкараз веднаш доби ’брејк’ во првиот гем. Единствената разлика беше што за тоа не му требаа 14 минути и пет прилики, но една му беше доволна.

Колку и да се трудеше, Ѓоковиќ немаше одговор за добро осмислената тактика на Алкараз, во која Шпанецот не претеруваше со нападите, а добро се бранеше кога тоа го правеше противникот. Ѓоковиќ уште еднаш попушти во седмиот гем и по двојна грешка Алкараз пак направи ’брејк’.

Во третиот гем од третиот сет, Шпанецот не успеа за првпат да реализира шанса за брејк. Имаше четири, но на сите четири поени Ѓоковиќ одлично реагираше. Тоа беше и првиот момент на натпреварот кога Ѓоковиќ покажа позитивна емоција. Три гема подоцна српскиот тенисер ја имаше првата можност за брејк по првиот сет.

Но, Шпанецот не се исплаши и одговори со одличен прв сервис. Она што не го направи во третиот, Алкараз го материјализираше во деветтиот гем. Трите последователни поени и еден во кој го принуди Ѓоковиќ на грешка му донесоа водство на 21-годишниот Шпанец од 5-4 и сервис за одбрана на титулата.

Со три последователни поени освои три меч топки. Сепак, Шпанецот за прв пат на мечот не успеа да ја задржи присебноста. На првиот направи двојна грешка, на вториот Ѓоковиќ одлично одговори на сервисот на Алкараз, на третиот Шпанецот го промаши форхендот за неколку сантиметри. Уште две промашувања на Алкараз му го донесоа на Ѓоковиќ првиот „брејк“ на мечот и му ја вратија надежта дека може да го направи најголемиот пресврт во неговата 20-годишна професионална кариера.

Навивачите на Ѓоковиќ се разбудија, а Србинот лесно држеше сервис за водство од 6-5. Алкараз не ја повтори грешката кога стигна до 40-0 сервирање за влез во тај-брејкот од третиот сет.

Алкараз поведе со 3-1, но милиметарското промашување на Шпанецот му донесе на Ѓоковиќ израмнување на 3-3.

Не ризикувајќи премногу, како што направи во добар дел од мечот, Алкараз повторно доби „мини-брејк“ и поведе со 5-3. По одличен сервис и одлично скратена топка, шпанскиот тенисер стигна до 6-4 и нова меч топка. Ѓоковиќ не успеа да ја префрли мрежата на многу добар втор сервис на противникот и по два часа и 27 минути игра Вимблдон го доби деветиот тенисер во Опен ерата кој успеа да ја одбрани титулата.

Победникот доби парична награда од 2,7 милиони британски фунти, додека поразениот доби 1,4 милиони.

Со оглед на тоа што на овој турнир ги одбранија бодовите од лани, нема да има промени на врвот на новата АТП ранг-листа во сингл. Италијанецот Јаник Синер ќе продолжи да биде светски ’број 1’ со 9570 бодови, 1110 повеќе од второпласираниот Новак Ѓоковиќ, додека трет ќе биде Алкараз со 2140 бодови помалку од лидерот.

TRT Balkan / агенции
Популарни