Аргентина ја освои рекордната 16-та титула на Копа Америка

Бранителот на титулата Аргентина ја освои рекордната 16-та титула на Копа Америка во неделата победувајќи ја Колумбија со 1:0 (0:0) во финалето одиграно на стадионот Хард Рок во Флорида.

Со новиот трофеј Аргентина зад себе ги остави Уругвај со 15 титули на Копа Америка, додека Бразил има девет трофеи.

Фудбалерот на Интер Лаутаро Мартинез го постигна решавачкиот гол во продолжението.

Мартинез, водечкиот стрелец на турнирот со пет погодоци, постигна гол по асистенција на Џовани Ло Селсо во 112. минута, совладувајќи го колумбискиот голман Камило Варгас.

Најновата титула на Аргентина дојде по триумфите на Светското првенство во 2022 година во Катар и на Копа Америка во 2021 година.

Тоа е веројатно последниот меѓународен турнир за осумкратниот освојувач на Златната топка, Лионел Меси.

Натпреварот беше одложен повеќе од еден час откако илјадници навивачи без билети се обидоа да влезат на стадионот.

Аргентина ѝ го нанесе првиот пораз на Колумбија во последните 28 средби, на кои оствари 22 победи и пет ремија.

Во текот на историјата, Колумбија само еднаш го освоила ова натпреварување и тоа во 2001 година кога била и домаќин. Загуби и едно финале, во 1975 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни