Фарук Хаџибегиќ нов селектор на фудбалската репрезентација на БиХ / Photo: AA

Фарук Хаџибегиќ (65) е новиот селектор на фудбалската А-репрезентација на Босна и Херцеговина, одлучено е на денешната седница на Извршниот одбор на Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина.

Тренерот од Босна и Херцеговина, во последните децении со постојана адреса на живеење во Франција, на клупата на популарно наречените „змејови“ го наследи Бугаринот Ивајл Петев, на кого членовите на Извршниот одбор на Фудбалскиот сојуз одбија да му го продолжат договорот, и покрај тоа што со репрезентацијата на БиХ лани избори место во елитната УЕФА Лига на нации, А.

Ова ќе биде втор мандат на Хаџибегиќ на клупата на репрезентацијата на Босна и Херцеговина. Тој беше селектор на својата земја од 11 март до 9 октомври 1999 година. На седум натпревари со Босна и Херцеговина забележа два триумфа, исто толку нерешени и три порази, со гол разлика 9:9.

Некогаш познат фудбалер од Сараево и од репрезентацијата на поранешна СФР Југославија, во својата долгогодишна тренерска кариера, меѓу другото, беше и шеф на стручниот штаб на Сошо, Троа, Дижон, Валенсиен (Франција), Реал Бетис (Шпанија), Газиантепспор, Дијарбакирспор, Денизлиспор (Туркије).

Тој беше и селектор на фудбалската репрезентација на Црна Гора од 25 јули 2019 година до 28 декември 2020 година, а со репрезентацијата на оваа земја постигна успех со пласман во Лигата на нации на УЕФА, Б.

TRT Balkan / агенции
Популарни