Фудбалерите на Босна и Херцеговина беа подобри во голем дел од натпреварот против Украинците, но сѐ прокоцкаа во самата завршница / Photo: AA

Полска, Украина, Исланд, Грција, Грузија и Велс ќе играат дополнителни натпревари за да обезбедат пласман на Европското првенство во јуни годинава во Германија, откако вчера победија во бараж натпреварите.

Фудбалерите на Украина се изборија за финалниот натпревар во својот дел од дополнителните квалификации за пласман на Европското првенство 2024 по големиот пресврт во финишот и победата од 1:2 во Зеница против Босна и Херцеговина.

Во финалниот меч Украина ќе биде домаќин на неутрален терен против Исланд, кој во Будимпешта го совлада Израел со 4-1, во второто полуфинале од овој дел од баражот.

Фудбалерите на Босна и Херцеговина беа подобри во голем дел од натпреварот против Украинците, но сѐ прокоцкаа во самата завршница. Домашните поведоа во 56. минута по центаршутот на Дедиќ, кога Матвиенко несмасно ја погоди сопствената мрежа. До 85. минута Босна и Херцеговина ја имаше победата во рака и пропуштени шанси, но потоа почна пресврт.

Најпрвин Јаремчук добро реагираше на возвратната топка и израмни во 85. минута, додека само три минути подоцна Довбик го замолкна стадионот на Зеница и погоди за славје на Украинците. Со ова продолжи проклетството на дополнителни квалификации за Босна и Херцеговина, која по четврти пат испадна во баражите за пласман на ЕП, а еднаш беше запрена во дополнителните квалификации за Светско првенство.

Исланд го совлада Израел со 1:4 во Будимпешта, иако Израелците поведоа кога Захави реализираше пенал во 31. минута. Сепак, до крајот на првото полувреме беше 1:2 за Исланд, а потоа и 1:4. Израел играше со фудбалер помалку од 73. минута кога Ревиво беше исклучен.

Херој на Исланд беше Гудмундсон кој постигна три гола, додека Траустасон додаде уште еден.

Победникот од дуелот меѓу Украина и Исланд ќе обезбеди настап на Европското првенство и тоа во Групата Е каде се наоѓаат Белгија, Словачка и Романија.

Во вторник во Кардиф Велс и Полска ќе одиграат натпревар вреден пласман на Европско првенство.

Во својот дел од дополнителните квалификации и двете репрезентации го искористија домашниот терен и со убедливи победи се изборија за финалниот натпревар во кој предност ќе има Велс бидејќи ќе игра пред своите гледачи.

Полска ја победи Естонија во Варшава со 5:1, додека Велс ја победи Финска со 4:1 во Кардиф.

Победникот од овој дел од дополнителните квалификации оди во групата Д на Европското првенство каде се наоѓаат Холандија, Франција и Австрија.

Грчките фудбалери лесно ја прескокнаа првата од двете пречки на можниот пат до ЕП во Германија, во полуфиналето од својот дел од дополнителните квалификации во Атина го победија Казахстан со 5:0.

Целата приказна на овој натпревар беше заклучена во првите 45 минути во кои Грците постигнаа четири гола.

Претходно Грузија се пласираше во финалето по тешко извојуваната победа од 2:0 на домашен терен против Луксембург, бидејќи гостите останаа со играч помалку во 58. минута, а ВАР им поништи гол за изедначување.

Грузија и Грција за патникот за ЕУРО ќе решаваат во вторник, а мечот се игра во Тбилиси.

Вкупниот победник од овој дел од дополнителните квалификации оди во групата Ф на Европското првенство каде се наоѓаат Португалија, Турција и Чешка.

TRT Balkan / агенции
Популарни