Милошевиќ на пет натпревари доживеа четири порази и триумф над аутсајдерот Лихтенштајн / Photo: AA

Српскиот тренер Саво Милошевиќ повеќе нема да ја извршува функцијата селектор на „А“ репрезентацијата на Босна и Херцеговина по истекот на неговиот договор, соопшти денеска Фудбалската федерација на Босна и Херцеговина.

Тој ја презеде репрезентацијата во септември 2023 година и од клупата ги водеше „змејовите“ во квалификациското финале и во плејоф мечот за ЕУРО 2024 против Украина (1:2), по што Босна и Херцеговина не успеа да се пласира на елитното континентално натпреварување.

„Н/ФС БиХ му се заблагодарува на Сава Милошевиќ за посветената работа, труд и професионалниот однос за време на неговиот ангажман во репрезентацијата на Босна и Херцеговина и му посакува многу успех во продолжувањето на неговата професионална кариера“, истакнаа од Н/ФС БиХ.

Милошевиќ на пет натпревари беше на клупата на фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина, постигнувајќи четири порази и триумф над аутсајдерот Лихтенштајн.

Сергеј Барбарез, поранешниот капитен на репрезентацијата на БиХ и миленик на навивачите, кој нема ниту еден тренерски ангажман од крајот на својата играчка кариера, во бројни медиуми се споменува како најсериозен кандидат за наследник на Милошевиќ на селекторската позиција.

Тој ненадејно стана прва желба на Вице Жељковиќ, претседател на Н/ФС БиХ, кој претходно изјави дека „Барбарез нема да биде тренер додека е прв човек на фудбалот во Босна и Херцеговина“.

Барбарез денеска на Инстаграм објави кратка порака „продолжува“, а го објави и знамето на Босна и Херцеговина.

TRT Balkan / агенции
Популарни