Тоа беа првите игри каде што немаше бојкот на Северноатлантскиот или Варшавскиот пакт и беа рекордни по бројот на земји учеснички / Photo: AA

На денешен ден, пред 40 години, во главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево, беа отворени 14. Зимски олимписки игри.

Од 8 до 14 февруари 1984 година Сараево беше центар на светот, а во организацијата на Олимпијадата учествуваше цела поранешна Југославија.

Во изградбата на објектите беа вклучени компании од Босна и Херцеговина, како и од цела Југославија. Во исто време, секоја од РТВ компаниите од републиките на поранешна Југославија, од Љубљана до Скопје, имаше по една арена што ја покриваше.

Во тоа време Сараево доживеа развој во сите сфери и се создаде позитивна социјална клима.

Она по што ќе останат запаметени Олимписките игри во Сараево е снегот што падна ноќта пред свеченото отворање. Учениците од Првата и Втората гимназија потоа со раце го тргнаа снегот од столовите на стадионот Кошево, за отворањето да се одвива без проблеми.

Зимските олимписки игри што се одржаа во Сараево чинеa вкупно 141.647.000 долари, а завршиле со добивка од 12.000.000 долари. Тоа беа првите Олимписки игри кои завршија со вишок. Сите претходни беа во долгови и многу градови имаа потешкотии да ги покријат трошоците.

Игрите во Сараево беа, во многу аспекти, рекордни во тоа време. Тоа беа првите игри каде што немаше бојкот на Северноатлантскиот или Варшавскиот пакт и беа рекордни по бројот на земји учеснички.

Ги гледаа околу две и пол милијарди гледачи ширум светот, имаше 49 репрезентации, доделени се 222 медали, учествуваа 2.691 спортист и тренер, продадени беа 640.000 влезници, а ги следеа 7.825 новинари од 760 редакции.

Најуспешни земји тогаш беа Источна Германија (девет златни, девет сребрени и шест бронзени медали) и СССР (шест златни, десет сребрени и девет бронзени медали).

AA
Популарни