Шпанија се откажа од кандидатурата за домаќин на ЗОИ во 2030 година     Фото: АА

Шпанија се откажа од кандидатурата за организација на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во 2030 година. Причината за ваквата одлука се несогласувањата помеѓу регионалните влади на Каталонија и Арагон, соопшти претседателот на Шпанскиот олимписки одбор Алехандро Бланко.

Намерата Шпанија да биде домаќин на ЗОИ во 2030 година го подели шпанското јавно мнение, особено бидејќи каталонската влада, која се залага за независност на таа покраина, не сакаше да го приклучи Арагон во кандидатура. Евидентен беше и отпорот на еко-активистите кои тврдеа дека одржувањето на ЗОИ имало негативно влијание на Пиринеите поради климатските промени.

Во најавите на можното домаќинство се говореше дека, освен Барселона, дел од натпреварувањето би требало да се одржи и во Сараево, но со шпанското откажување од кандидатурата, таа идеја е далеку од изводлива.

Претседателот на Шпанскиот олимписки одбор Алехандро Бланко изјави дека неодамна имале брилијантни кандидатури за Летните олимписки игри во 2016 и 2020 година, кои не успеале бидејќи имале многу силна конкуренција, но овој пат самите си ги уништиле шансите.

„Немаше друга опција освен да се откажеме од кандидатурата бидејќи не можевме да дозволиме месеци и месеци работа со вакви разлики во ставовите. Сѐ се претвори во војна помеѓу конституционалистите и сепаратистите, а тука нема олимписки дух“, рече Бланко.

Со откажувањето на Шпанија, фаворит за домаќин на ЗОИ станува јапонскиот Сапоро, кој веќе беше домаќин на истите игри во 1972 година, а интерес покажаа уште два поранешни домаќини на ЗОИ - американскиот Солт Лејк Сити (домаќин во 2002) и канадскиот Ванкувер (2010).

TRT Balkan / агенции
Популарни