Соработката на Иванишевиќ и Ѓоковиќ траеше речиси шест години, а во тој период Србинот стана најдобриот тенисер во историјата / Photo: Reuters

Поранешниот победник на Вимблдон, хрватскиот тенисер Горан Иванишевиќ повеќе не е тренер на светскиот тениски рекет број еден Новак Ѓоковиќ, објави српскиот тенисер на својот Инстаграм профил.

Соработката на Иванишевиќ и Ѓоковиќ траеше речиси шест години, а во тој период Ѓоковиќ стана најдобриот тенисер во историјата. Српските медиуми ја објавија веста со напомена дека е шокантна и неочекувана.

„Јасно се сеќавам на моментот кога го поканив Горан да биде дел од мојот тим. Тоа беше во 2018 година, а јас и Маријан сакавме да иновираме и да донесеме некоја магија на послужување на нашето дуо. Всушност, не само што донесовме сервис, туку и многу смеа, забава, пласман број еден на крајот на годината, рекордни достигнувања и уште 12 Грен слемови (и неколку финалиња) оттогаш. Дали спомнав и мала драма“, напиша Ѓоковиќ на својот Инстаграм профил.

„Горан и јас решивме да ја прекинеме соработката пред неколку дена. Нашата хемија на теренот имаше подеми и падови, но нашето пријателство беше секогаш силно. Всушност, горд сум што можам да кажам (не сум сигурен дека и тој е) дека освен што заедно победувавме турнири, имавме и споредна битка во Парчиси која траеше... многу години. И тој турнир никогаш не завршува за нас. Шефе, ти благодарам за се, пријателе. Те сакам“, заклучи Новак.

Иванишевиќ не ја коментираше информацијата, туку ја сподели објавената приказна на Инстаграм на Ѓоковиќ со два емотикони- едниот во форма на срце, а другиот за благодарност.

TRT Balkan / агенции
Популарни