Германците покрај трите титули освоиле и три сребрени медали, но ниту едно од шесте финалиња на кои настапувале не се одиграло во Германија / Photo: Reuters

Вечерва со дуелот меѓу домаќинот Германија и Шкотска на „Алијанц арената“ во Минхен почнува смотрата на најдобрите европски фудбалски репрезентации, а по еден месец ќе биде познат и новиот европски шампион.

Европското фудбалско првенство ќе се одржи во десет градови во Германија од 14 јуни до 14 јули, а токму домашната селекција држи бројни рекорди на европските првенства.

Заедно со Шпанија, Германија најмногу пати го освоила ЕУРО. Овие две селекции по три пати беа шампиони на Европа.

Германија има најмногу настапи во финалињата, најмногу учествa на европските првенства, најмногу одиграни натпревари, најмногу постигнати голови, но и најмногу примени голови.

Германската репрезентација го освои ЕУРО во 1972, 1980 и 1996 година, додека Шпанија беше европски првак во 1964, 2008 и 2012 година.

Домаќините на годинешното првенство играа во финалињата на ЕУРО во 1976, 1992 и 2008 година.

Германија од 1972 година до денес нема пропуштено ниту едно европско првенство, па затоа вечерва ќе настапат по 14-ти пат на ЕП. Имаат најмногу победи, дури 27, постигнаа рекордни 78 гола, но и примија најмногу 55.

Рекорди на Шпанија

И Шпанија три пати го освојуваше ЕУРО, а во 2012 година Шпанците ја одбранија титулата освоена во 2008 година.

Во 1964, 1996, 2008, 2012 и 2020 година, шпанската репрезентација ги заврши ЕУРО без пораз во регуларниот тек на натпреварите.

Рекордот им припаѓа и на Шпанците кога е одбраната во прашање, па во 2012 година „издржаа“ дури 509 минути без примен гол на ЕП.

Англискиот тим важи за еден од фаворитите на овогодинешниот турнир, но Англичаните се познати и како „најнесреќниот“ тим на европските првенства, бидејќи се на самиот врв по бројот на настапи, но без трофеј.

Англичаните учествуваа на десет европски првенства, а во финалињата на турнирите 1996, 2012 и 2020 година не претрпеа пораз, но сепак беа елиминирани.

Данска има најмногу порази на европските првенства, а Италија има најмногу нерешени натпревари.

Данците загубија 17 натпревари на европските првенства, додека Италијанците забележаа дури 18 нерешени.

Најмалку голови на ЕП постигнаа Албанија, Финска, Летонија и Норвешка, по еден. Норвешка примила најмалку голови, само еден.

Седум „судири“ меѓу Италија и Шпанија

Шпанија и Италија одиграа најмногу меѓусебни натпревари на европските првенства.

Овие две селекции играа вкупно седум пати и тоа во 1980, 1988, 2008, 2012 (две средби), 2016 и 2020 година.

Најефикасни на еден турнир беа Французите. Во 1984 година, „триколорите“ постигнаа 14 гола како домаќини на турнирот.

Роналдо рекордер по бројот на турнири

Кристијано Роналдо, капитенот на репрезентацијата на Португалија и еден од најдобрите светски фудбалери на сите времиња, ќе игра на своето шесто ЕУРО.

Со настапот на овогодинешниот турнир во Германија, Роналдо ќе стане првиот фудбалер кој ќе настапи на шест европски првенства.

Португалецот е рекордер и по бројот на настапи, дури 25, а на теренот помина 2.153 минути. Најмногу пати беше капитен, на дури 16 натпревари.

Роналдо го држи рекордот по бројот на постигнати голови- 14 на првенставата и 31 во квалификациите за ЕП.

Најмладиот фудбалер кој некогаш играл на ЕП е Полјакот Кацпер Козловски. Овој играч од средниот ред играше на ЕУРО 2020 со 17 години и 246 дена.

Најбрзиот гол на европските првенства го постигна Русинот Дмитри Кириченко, кој во 68. секунда од натпреварот ја затресе мрежата на грчкиот тим на ЕУРО 2004 година.

Турскиот напаѓач Семих Сентурк е сопственик на „најдоцниот“ гол во сите европски првенства досега. Тој постигна гол во продолженијата против Хрватска на ЕУРО 2008 (120+2).

Рекорден број на гледачи на натпревар на Европското фудбалско првенство е забележан во 1964 година во Шпанија. Натпреварот меѓу Шпанија и Советскиот Сојуз на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ го следеа 79.115 навивачи.

Најстар стрелец е Ивица Вастиќ од Австрија со 38 години и 257 дена против Полска (1:1) на 12 јуни 2008 година.

Најмлад стрелец е Јохан Вонлантен (Швајцарија) со 18 години и 141 ден против Франција (1:3) на 21 јуни 2004 година.

Најстар играч што настапил е Габор Кирали (Унгарија) на 40 години и 86 дена против Белгија (0:4) на 26 јуни 2016 година.

Најмногу голови на еден турнир постигна Мишел Платини (Франција) - 9 на ЕУРО 1984 во Франција, а истиот фудбалер го постигна најбрзиот хет трик во рок од 18 минути на натпреварот против Југославија (3:2) на истото првенство.

Селектор со најмногу натпревари на ЕП е Јоаким Лоу (Германија) - 21 (2008-2021)

Натпревар со најмногу голови - 9, е Франција - Југославија 4:5, во полуфиналето на ЕП 1960 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни