Аргентина и Колумбија ќе се борат за трофејот ноќта во недела кон понеделник, во 2 часот по средноевропско време, во Мајами / Photo: AA

Фудбалерите на Колумбија ќе играат во финалето на Копа Америка, кое се игра во САД, против бранителот на титулата Аргентина, откако во бурното полуфинале во Шарлот го совладаа Уругвај со 1:0.

Во наелектризираното полуфинале, Џеферсон Лерма го постигна решавачкиот гол во 39. минута, кога од непосредна близина по корнер ја погоди мрежата на Уругвај со глава. И покрај водството, Колумбија се најде во неволја во самиот финиш на првото полувреме, кога Муњоз заработи втор жолт картон.

Со играч помалку, Колумбија ги издржа уругвајските напади во текот на второто полувреме и го сочува минимално водство кое ги одведе во финалето.

Најдобрата шанса за Уругвајците ја пропушти Луис Суарез, кој во 72. минута ја погоди гредата.

Аргентина и Колумбија ќе се борат за трофејот ноќта во недела кон понеделник, во 2 часот по средноевропско време, во Мајами.

Аргентина и Уругвај во моментов се рекордери на Копа Америка со по 15 титули, но Меси и друштвото сега можат да ја издвојат Аргентина на самиот врв на табелата. Но Колумбија е во одлична форма со 22 победа и пет ремија во последните 27 средби.

Во текот на историјата, Колумбија само еднаш го освоила ова натпреварување и тоа во 2001 година кога била и домаќин. Загуби и едно финале, во 1975 година.

Сепак, полуфиналето го проследија и грди сцени по натпреварот, откако уругвајските репрезентативци се пресметаа со навивачите на ривалската репрезентација.

Бројни видеа покажуваат како по натпреварот неколку уругвајски фудбалери се качуваат на трибините и физички се справуваат со навивачите на Колумбија. Од играчите на Уругвај во центарот на нередите на трибините се издвоија Дарвин Нуњез и Роналд Араухо.

Според нив, навивачите на Колумбија ги нападнале семејствата на уругвајсите фудбалери, па тие се качиле на трибината да ги заштитат.

Дел од играчите и персоналот на двете репрезентации се судрија на самиот терен по полуфиналниот натпревар.


TRT Balkan / агенции
Популарни