Кошаркарите на грчки Панатинаикос се новите шампиони на Европа откако во финалниот меч во Берлин го совладаа бранителот на титулата Реал Мадрид со 95:80.
Тоа е седма титула за Пао, додека Реал има освоено рекордни 11 европски шампионски титули. Грчкиот шампион беше предводен од турскиот стратег Егрин Атаман, за кого ова е третатитула, откако две освои на клупата на Ефес.
„Кралскиот клуб“ подобро го отвори натпреварот, на крајот од првата четвртина имаше 11 поени предност (36:25). Во втората четвртина Реал имаше и +14 (41:27), но Грците ја намалија негативата на само еден кош (46:45). Но на пауза се замина со +5 за шпанскиот тим.
По четири минути продолжение Панатинаикос оствари целосен пресврт (58:56), а третиот период од играта им припадна на Грците со резултат 15:7, па резултатот во последната четвртина гласеше 64:61 за Панатинаикос.
Реал се држеше до 65:66, но Грците потоа тргнаа во серија од 8:0 за 74:65. До крајот на натпреварот предноста само порасна на најголемата разлика од 18 (95:77). На крајот заврши 95:80.
Костас Слукас до победата го предводеше Панатинаикос со 24 поени, Кендрик Нан со 21 поен и Матијас Лесорт со 17 поени и шест скока.
Џанан Муса со 15 поени, Факундо Кампацо со 12 поени и Серхио Родригез со 11 поени беа најефикасни кај Реал.
Во мечот за третото место, Олимпијакос го победи Фенербахче со 87:84.
Алек Петерс го предводеше грчкиот тим до победата со 20 поени и шест скока, Најџел Вилијамс-Гос додаде 12 поени со 6 асистенции, а Никола Милутинов и Џанулис Ларенцакис постигнаа по 10 поени.
На спротивната страна најефикасни беа Дишаун Пјер со 19 поени и Скоти Вилбекин со 16 поени.