Серијата од седум натпревари по ред без победа за машката фудбалска репрезентација на Македонија заврши вчера во Скопје со триумфот врз Ерменија со 2:0. Двата гола беа постигнати во второто полувреме, кога „Црвено-жолти“имаа играч помалку на теренот откако во самиот финиш на првиот дел исклучен беше Ѓоко Зајков.
Енис Барди даде прекрасен гол од слободен удар за 1:0 во 70-тата минута, а девет минути подоцна гол даде и Бојан Миовски.
Македонија со трите бода изби на чело на табелата во Групата 4 од Дивизијата „Ц“ во пресрет на следните мечеви во октомври, кога ќе гостуваме кај Летонија и Ерменија.
Фудбалската репрезентација на Босна и Херцеговина во Будимпешта одигра нерешено 0:0 против Унгарија во натпреварот од второто коло од групата „3“ од дивизијата „А“ на Лигата на нации.
Унгарците имаа поголем посед на топката од кои создадоа неколку убави шанси, но Никола Васиљ беше исклучително расположен на голот на БиХ, па натпреварот заврши без голови.
Холандија и Германија го одиграа дербито во иста група на стадионот „Јохан Кројф“ во Амстердам. Домашните поведоа на отворањето на натпреварот. Во втората минута Тијани Рејндерс погоди на асистенција на Рајан Гравенберч. Сепак, откако примија гол, Германците ја презедоа контролата на теренот и во 38. минута израмнија преку Дениз Ундав. Гостите дојдоа до целосен пресврт во судиското продолжение на првото полувреме. Овој пат асистираше Ундав, а голот го постигна Џошуа Кимич.
Прегледот на голови и добри потези продолжи и во вториот дел, па Холанѓаните израмнија во 52. минута. Стрелец беше Дензел Дамфрис за конечни 2:2.
Резултатите од вчерашните натпревари од второто коло на ЛН
Дивизија „А“
Група „3“: Холандија- Германија 2:2, Унгарија- Босна и Херцеговина 0:0.
Дивизија „Б“
Група „1“: Албанија- Грузија 0:1, Чешка- Украина 3:2,
Група „2“: Англија- Финска 2:0, Република Ирска- Грција 0:2.
Дивизија „Ц“:
Група „4“: Летонија - Фарски Острови 1:0, Северна Македонија - Ерменија 2:0.
Дивизија „Д“:
Група „2“: Андора - Малта 0:1.