Европскиот првак Шпанија со играч помалку ја совлада Швајцарија во Цирих, а Португалија по пресврт ја победи Шкотска со новиот гол на Роналдо во вчерашните натпревари од Лигата на Нации.
Хрватската фудбалска репрезентација ја совлада Полска со 1:0 (0:0) во 2.коло од дивизијата „А“ во Групата 1 од Лигата на нации на „Опус арената“ во Осиек.
Стрелец на единствениот гол на натпреварот беше капитенот Лука Модриќ, кој на својот 39. роденден изведе брилијантен слободен удар од 18 метри и ја испрати топката во самиот горен агол на голот на Лукаш Скорупски, кој исто така заврши во мрежата.
Модриќ вчера го одигра својот 180. натпревар за Хрватска, со што се изадначи со Шпанецот Серхи Роберто на вечната листа иа фудбалери со најголем број на одиграни мечеви за репрезентацијата. Прв е Роналдо со 214 натпревари за Португалија.
Во вториот натпревар од групата Португалија со пресврт на домашен терен ја совлада Шкотска со 2:1.
Шкотите поведоа преку Скот Мектоминај (7), израмни Бруно Фернандеш (56), а победата ја постигна Кристијано Роналдо со својот 901 гол во кариерата.
По две кола Хрватска и Полска имаат по три бода. На врвот е Португалија со максимални шест бода, додека Шкотска е последна без бодови.
Во 2. коло од Групата 4 на стадионот Паркен во Копенхаген данските фудбалери славеа против Србија.
По триумфот над Швајцарија (2:0), Данците со ист резултат ги победија Србите, благодарение на головите на Алберт Гренбек (36) и „ножичките“ на Јусуф Поулсен (61).
Српската репрезентација по одличното реми против Шпанија вчера со својата игра ги разочара своите навивачи, но победниците на Еврото не дозволија нешто слично.
Тие славеа на гостински терен против Швајцарија со резултат 1:4 и покрај црвениот картон на Ле Норманд во 20. минута, но и поништен гол на домаќините.
Шведска и Словачка останаа максимално успешни во групата 1 од Дивизијата „Б“. Швеѓаните победија против Естонија со 3:0, додека Словаците со гол помалку славеа против Азербејџан.
Луксембург е единствената екипа од Дивизијата „Ц“ која се уште е без бод. Белорусија славеше минимално на гостински терен на стадионот во Луксембург, додека во вториот натпревар од групата Бугарија ја победи Северна Ирска со истиот резултат.
Гибралтар и Лихтенштајн одиграа нерешено 1:1 и така со по еден бод останаа зад Сан Марино, кој претходно го совлада Лихтенштајн.