Голманот на хрватската репрезентација и на Динамо Загреб, Доминик Ливаковиќ, денес пристигна во Истанбул, каде што се очекува да се финализираат деталите околу неговиот трансфер во фудбалскиот клуб Фенербахче.
Ливаковиќ со приватен авион слета на Аеродромот „Ататурк“, каде што го пречекаа група навивачи на истанбулските „жолто-сини“.
Ливаковиќ ги поздрави навивачите, по што го напушти аеродромот.
Фудбалскиот клуб Фенербахче претходно објави дека е договорен трансфер на хрватскиот голман Доминик Ливаковиќ од редовите на Динамо Загреб.
„Постигнавме начелен договор со Доминик Ливаковиќ и со клубот Динамо Загреб за негов трансфер во Фенербахче. Тој денес ќе пристигне во Истанбул за да се направат здравствени прегледи и за натамошни преговори за трансферот“, се наведува во соопштението.
Хрватскиот голман, кој кариерата ја започна во ФК Загреб, во Динамо Загреб премина во 2015 година. Ливаковиќ (28) во дресот на Динамо Загреб настапи 290 пати и освои шест титули првак на Хрватското фудбалско првенство и две титули победник на Хрватскиот куп.
Ливаковиќ за репрезентацијата на Хрватска настапи 45 пати. Со хрватската селекција тој го освои второто место на Светското првенство 2018 година и беше трет на Мундијалот 2022 година.