Во групата Х, Фенербахче го задржа перфектниот учинок / Photo: AA

Динамо Загреб, еден од фаворитите во Конференциската лига го претрпе и вториот пораз во низа во групата Ц, сега од Викторија Плзен, откако Чесите славеа во Загреб со минимални 1-0.

Стрелец на единствениот гол беше Томаш Чори во 69. минута од пенал.

Кризата продолжува да го тресе хрватскиот шампион, кој го загуби четвртиот натпревар во последните шест настапи во сите натпреварувања.

Во истата група фудбалерите на казахстанска Астана ја постигнаа првата победа совладувајќи го во Приштина домашниот Балкани со 2-1.

Викторија со победата се одвои на врвот во оваа група со девет бода, додека преостанатите три екипи имаат по три бода.

Фудбалерите на Варшава Легија го победија Зрињски во Мостар со 2-1 во натпреварот од третото коло од групата Е на Конференциската лига.

Зрињски поведе против Полјаците во 30. минута, а стрелец беше Билбија. Но само две минути подоцна Јаковљевиќ ја погоди сопствената мрежа, со што гостите израмнија. Стрелец на решавачкиот гол беше Крамер во 62. минута.

Претходно во групата Астон Вила забележа важна победа на гости кај АЗ Алкмар. Таа славеше против Холанѓаните со убедливи 4-1.

По третото коло Астон Вила и Легија имаат по шест бода, додека на три бода се Зрињски и АЗ Алкмар.

Високи победи од 6-0 остварија Фиорентина и Ајнтрахт.

Фиорентина како домаќин во групата Ф ја совлада екипата на Чукарички со двата гола на Белтран и по еден на Иконе, Соттил, Мартинез и Лопез.

На крајот на првото полувреме гостите останаа со играч помалку.

Во групата Г, Ајнтрахт во Франкфурт го победи ХЈК од Хелсинки со 6-0 со двата гола на Дина Ебимбе.

Во таа група ПАОК направи голем пресврт кај Абердин, каде Грците до 73. минута губеа со 2-0, но на крајот победија со 3-2.

ПАОК е прв во поредокот со сите девет бодови, додека Ајнтрахт има шест.

Во групата Х, Фенербахче го задржа перфектниот учинок. На домашен терен го победи бугарски Лудогорец со 3-1.

Батшуаји во 42. минута и Зајц во 52. минута беа стрелци за 2-0 на домашната екипа, а гостите намалија преку автоголот на Родриго Бекао. Мечот беше решен со вториот гол на Словенецот Зајц во судиското надополнување.

Во групата Б, Гент пред своите гледачи лесно го совлада исландскиот Бреидаблик со 5-0, а вториот натпревар од оваа група меѓу Макаби Тел Авив и украинска Зорја беше откажан поради воената состојба на Блискиот Исток.

Слован од Братислава поведе со 1-0 против Лил во групата А со голот на Чавриќ во 23. минута, но во останатиот дел од мечот Лил го сврте резултатот и победи со 2-1. Стрелци беа Јажиќ во 68 и Кабела во 82 минута.

Со тоа Лил го презеде врвот во оваа група. Има седум бода, бод повеќе од Слован. Во вториот натпревар од третото коло од оваа група, КИ Класвик на Фарските Острови ја совлада Олимпија Љубљана со 3-0 .

Во Групата Д Бодо на домашен терен славеше убедливо против Бешикташ со 3-1, па сега Норвежаните се втори со 4 боа, а турскиот тим е четврти со само еден бод.

Лидер е Бриж со 7 бода, кој славеше во Швајцарија со 3-1 против Лугано, кој е трет со 4 бода.

TRT Balkan / агенции
Популарни