За играч на натпреварот во Барселона беше прогласен тинејџерот Кубарси / Photo: Reuters

Фудбалерите на Арсенал по драматична борба се пласираа во четвртфиналето од Лигата на шампионите откако на својот стадион „Емирати“ , со вкупни 5:3 по изведувањето на пенали го елиминираа Порто.

Воведните 90 минути завршија 1:0 за Арсенал, што беше идентичен резултат од првиот натпревар на стадионот Драгао кога славеше Порто. Единствен стрелец во Лондон беше белгискиот фудбалер Леандро Тросард во 41. минута. Откако немаше голови ниту во продолженијата, одлуката се сведе на пенал рулет, каде на крајот Арсенал победи со вкупни 5:3.

Сите играчи на Арсенал беа прецизни, голови постигнаа Одегард, Хаверц, Сака и Рајс. За Порто мирни и прецизни беа Пепе Акино и Грујиќ, но Вендел ја погоди стативата, додека ударот на Гален го одбрани Дејвид Реј за Арсенал да слави.

Фудбалерите на Барселона станаа петтиот тим кој се пласираше во четвртфиналето на овосезонското издание на Лигата на шампионите, а тоа го постигнаа со победа над Наполи со 3:1 (2:1) на Олимпискиот стадион во Барселона победувајќи го актуелниот шампион на Италија со севкупни 4:2.

Стрелец на водечкиот гол за Барселона беше Фермин Лопез во 15. минута. Само две минути подоцна Жоао Кансело ја смести топката во мрежата која се одби од стативата по ударот на Рафиња и со тоа на домашните му донесе два гола предност. Наполи успеа да намали во 30. минута, а стрелец беше Косовецот Амир Рахмани. Роберт Левандовски беше стрелец во 83. минута за конечни 3:1 и потврда за пласманот на Барселона во четвртфиналето.

За пофалба е потегот на тренерот на Барселона, Чави Хернандез, кој во многу важен натпревар стави двајца тинејџери во стартниот тим - 16-годишниот Ламине Јамал и една година постариот Пау Кубарси, како и 20-годишниот Лопез. Сите тројца одиграа одлично.

Вечерва се играат последните два натпревари од осминафиналето на ЛШ.

Атлетико Мадрид - Интер (0:1)*

Борусија Дортмунд - ПСВ Ајндховен (1:1)*

Претходно, пласман во четвртфиналето обезбедија Реал Мадрид, Манчестер Сити, Баерн Минхен и ПСЖ.

TRT Balkan / агенции
Популарни