За Елмас ова беше прв гол по пауза од 11 месеци, а за Македонија немаше погодено од септември лани кога со 2:0 победивме на гости против Малта / Photo: Фудбалска репрезентација на Македонија Фејсбук

Фудбалската репрезентација на Македонија ја победи Летонија на гости во Рига со 0:3, во третиот меч од групата Ц од Лигата на нации. Стрелци на головите беа Јани Атанасов во 35.минута, Лирим Ќамили во 70. минута и Елиф Елмас во 90. минута од дуелот.

Тоа е втор триумф во низа за нашиот национален тим, кој сега пред себе ќе има уште еден предизвик, гостувањето против Ерменија во Ереван за три дена.

Македонија ја имаше контролата над топката во почетниот период, а Летонците се обидуваа преку противнапади да го загрозат голот на Столе Димитриевски.

Летонија прва се закани, во 13. минута, кога Јанис Икауниекс упати удар со глава од осум метри, но заврши крај дирекот. Во 24-тата. минута Јани Атанасов се одлучи на удар од далечина, но неговиот шут заврши над голот.

Многу посериозен беше ударот на капитенот Енис Барди две минути подоцна, но топката за малку мина над гредата од летонскиот гол.

Третиот шут на Македонија беше во рамките на голот, во 30.минута. Повторно се обиде Јани Атанасов, но Матревикс беше на вистинското место и одбрани.

Тој што имаше најмногу обиди, на крајот и постигна гол. Во 35. минута, по една одлична акција во која учествуваше и Бојан Миовски, играчот за врска Јани Атанасов го откри резултатот и донесе водство (0:1) за Македонија.

Во финишот од првиот дел, Столе Димитриевски имаше две одлични интервенции и на одмор се замина со предност за Македонија.

Македонија продолжи со добра игра и во второто полувреме. Давид Бабунски во 55. минута со полуволеј се закани од 25 метри, но директно во противничкиот голман.

Во 70. минута, Македонија поведе со 0:2. Асистент беше голманот Столе Димитриевски, кој со долг дегажман го проигра Лирим Ќамили, а нововлезениот напаѓач на одличен начин ја затресе мрежата на Летонците.

Во 90. минута, и Елиф Елмас ја погоди мрежата на Летонија за конечни 0:3.

Одличен натпревар за Македонија, мрежата на Столе Димитриевски остана да мирува, а нашите фудбалери постигнаа три гола за триумф во Рига. Сега на ред е гостувањето во Ереван и дуелот против Ерменија, која е и нашиот најголем конкурент за првото место во групата.

Селекторот Благоја Милевски е задоволен од резултатот, но вели дека некои сегменти во играта треба и можат да се подобрат.

„Ова е победа на фудбалерите. Имавме одлични потези, имавме посед и контрола, но имавме и мигови кои може и треба да ги подобриме и на тоа ќе работиме во иднина. Овој тим почнавме да го градиме после поразот со 7:0 од Англија во Манчестер. Полека ја добиваме сликата и физиономијата на тимот што сакам јас да ги гледам, иако можеме и уште повеќе да напредуваме. Што се однесува до Елиф Елмас, момчето заслужува многу поголем респект од сите, затоа што без разлика на ситуацијата во клубот или било какви други проблеми, никогаш не кажал „не“ за Македонија. Еден период играше за сите можни младински селекции, од У16 до У21“, изјави селекторот Благоја Милевски.

TRT Balkan / агенции
Популарни