Најефикасни во македонската репрезентација беа Митев и Костески со по пет гола, а Томовски имаше 12 одбрани / Photo: Reuters

Македонската ракометна репрезентација со победа се прости од Европското првенство во Германија откако вечерва во Берлин ја победи Швајцарија со 29-27.

После одличната игра и предност од четири гола разлика по првиот дел, второто полувреме почна добро за македонскиот тим, се играше за гол за гол, Томовоски продолжи со одбрани, а при 17-12 за Македонија и исклучувањето на Џонов, дојде кризата, Швајцарците ни дадоа три гола по ред за 17-15. Водевме и 21-17, а тогаш дојде кризата.

Шмид беше тој што заедно со Зендер ја одржуваа Швајцарија, не дозволуваа Македонија да се одлепи. Во 21-ва минута дојде изедначувањето на 23-23. До тој момент, Швајцарија даде 14 гола во вториот дел, пет повеќе отколку во целото прво.

Марко Кизиќ застана на голот и имаше неколку блескави моменти, но во 25-та минута Швајцарија дојде до водство од 25-24. Се влезе во неизвесна завршница, веќе никој немаше поголема предност од еден гол разлика. Јагуриновски реализраше контра за 28-27 на 1,06 минути до крајот. Следуваше одбрана на Томовски, а Митев стави точка.

Најефикасни во македонската репрезентација вечерва беа Митев и Костески со по 5, а Томовски имаше 12 одбрани. Прв стрелец на средбата беше Швајцарецот Андре Шмид со 12 гола.

По двата убедливи и очекувани порази од фаворитите Франција и домаќинот Германија во првите две кола од ЕП, македонските репрезентативци покажаа одличен ракомет во последниот натпоревар.

Вечерашната победа значи пласман на третата позиција во групата и едно од местата кои носат во првиот барабан за баражот за СП 2025, кој автоматски би требало да значи полесен противник на патот кон продолжување на низата настапи на големите натпреварувања.


TRT Balkan / агенции
Популарни