Францускиот фудбалер Килиан Мбапе и официјално беше претставен како фудбалер на Реал Мадрид на церемонијата пред повеќе од 80.000 навивачи кои на Сантијаго Бернабе му посакаа добродојде.
Освен од претседателот на Реал Флорентино Перез, Мбабе беше пречекан и од неговиот сонародник, легендата на Реал Зинедин Зидан.
Претходно, откако ги помина медицинските прегледи, Мбапе стави потпис на договорот кој е во траење од пет години со кралскиот клуб, каде доаѓа бесплатно откако му истече договорот со ПСЖ.
Во редовите на „кралскиот“ клуб Килиан Мбапе ја задолжи опремата со бројот девет. Иако досега носеше десетка на дресот, тој број е резервиран за легендата Лука Модриќ.
Мбапе во Реал доаѓа по седум години минати во Париз. Веќе неколку сезони наназад Реал се обидува да го доведе во своите редови, имаше дури и понуда од околу 200 милиони која ПСЖ ја одби.
Мбапе покажа класа и одржа говор на шпански јазик, нешто што уште повеќе ги привлече симпатиите меѓу навивачите на „кралскиот клуб“.
„Неверојатно е тоа што сум тука. Сонував со години да заиграм за Реал Мадрид и денеска тој сон ми се оствари. Јас сум многу среќно момче во моментов. Сакам да му се заблагодарам на претседателот Флорентино Перез кој ми веруваше од првиот ден. Ова е неверојатен ден за мене, од дете сонував да бидам тука. Се надевам дека ќе бидам на висина на задачата, дека ќе бидам на висина на историјата која ја има овој клуб. Видов дека денеска има многу деца на трибините, и имам совет и за нив. Верувајте во тоа што го сакате и верувајте во соништата. Јас бев како вас. Денеска јас сум тука, утре може да бидете вие“, рече Мбапе.