Српскиот интернационалец Никола Јокиќ кој настапува за екипата на Денвер Нагетс е прогласен за најкорисен играч на актуелната 2023/2024 сезона во НБА. За асот на Нагетси ова е трето МВП признание во досегашната кариера, со што влезе во историјата на најсилната кошаркарска лига во светот.
Досега со по три МВП одличја можеле да се пофалат кошаркарски легенди како Меџик Џонсон, Лери Бирд и Мозес Малоун, по четири имаат Вилт Чемберлејн и Леброн Џејмс кој е единствен на оваа листа кој се уште е активен кошаркар, по пет Мајкл Џордан и Бил Расел, а единствен со шест МВП одличја се закити Карим Абдул Џабар.
Јокиќ и натаму е нетипична НБА ѕвезда која не обрнува многу внимание на личните рекорди и награди.
Тимот на Денвер ја објави комичната ситуација кога Јокиќ го проследи прогласувањето на МВП играчот на сезоната, и саркастично замавна со раката од „воодушевање“.
Универзалецот на Нагетс во регуларниот дел од сезоната го освои второто место во Западната конференција и прикажа фантастични партии и речиси постојано имаше двоцифрен учинок во постигнати поени, скокови и асистенции или популарно наречен „трипл дабл“.
Нагетс имаат тешка задача да ја одбранат ланската шампионска титула бидејќи во плејофот изгубија два натпревари на домашен терен од предизвикувачот Минесота Тимбервулвс.
Досега речиси ниту еден МВП играч не успеал во истата сезона да стане и НБА шампион.