Приведени осум лица по судирите меѓу навивачите на Србија и Англија / Photo: AA

Осум лица се привремено приведени по тепачката меѓу навивачите на Србија и Англија во Гелзенкирхен пред синоќешниот прв натпревар меѓу двете земји на Европското првенство, соопшти денес германската полиција.

Властите соопштија дека вчерашниот инцидент бил брзо завршен и дека генерално се задоволни од безбедносната акција во врска со натпреварот, кој полицијата го карактеризира како натпревар со висок ризик поради загриженоста за можно насилство од навивачите.

Двете групи навивачи имаат репутација дека предизвикуваат проблеми пред и за време на натпреварите.

Во единствениот регистриран судир, како што го опиша полицијата, на снимките на социјалните мрежи се гледа како мажи едни кон други фрлаат столови пред ресторан украсен со српски знамиња.

Полицијата соопшти дека група навивачи на Србија јаделе во ресторанот кога поголема група навивачи на Англија се обидела да влезе.

Новинарите што набргу потоа пристигнаа на местото ја најдоа улицата преполна со скршено стакло и маси додека неколку десетици полицајци стоеја во близина.

„Седум навивачи на Србија и еден на Англија беа приведени по тепачката и го пропуштија натпреварот“, изјави за новинарите претставникот на полицијата во Гелзенкирхен, Питер Бот.

Тој додаде дека еден навивач е однесен во болница со повреда на главата, но набрзо бил отпуштен.

Приведените навивачи се пуштени во текот на ноќта, но полицијата е во контакт со УЕФА и препорача да добијат забрана за присуство на наредните натпревари.

Натпреварот од првото коло од групата Ц на Европското првенство меѓу Англија и Србија заврши со резултат 1:0, а стрелец на победничкиот гол беше Џуд Белингам.

TRT Balkan / агенции
Популарни